Се враќа меѓународниот музички форум Selector PRO 5! Директен пренос во февруари!
Овогодинешниот форум се соочува со реални проблеми поврзани со индустријата, но сепак тој е посветен да остане во чекор со сите претстојни промени. Ја повикуваме силата на музичката заедница — нејзиното тешко извојувано искуство и долгогодишна заемна поддршка — да го обликува „променливото ново нормално“ според нашите потреби. Што точно значи тоа? Едноставно кажано, Selector PRO 5 ќе обедини десетици професионалци од музичката индустрија во Обединетото Кралство, Европа и Централна Азија со цел да се справат со големите тековни и претстојни прашања во индустријата.
Форумот ќе се одржи на 18-19 февруари 2022 година и ќе содржи осум модерирани панели на различни музички теми.
Како ќе изгледа? Форумот Selector PRO ќе има 8 модерирани панели коишто ќе покриваат разни теми од музичката индустрија. На Британката Џејн Бис од The Factory и Manchester International Festival ќе ѝ се придружат Пол Мекгиверн од британската агенција Playbook Artists и Берил Сариалтун од турскиот проект My City My Voice за да разговараат за влијанието на пандемиските години врз индустријата и да ги споделат своите позитивни искуства од успешните студии на случај и соработките на далечина во текот на претходните две години. Дона Клоуз од британскиот фестивал 5G Festival ќе разговара за неодамнешните индустриски достигнувања коишто резултираат со примамливи хибридни настани, а во нејзино друштво ќе се најде и Украинецот Антон Воловик од Reface, којшто ќе зборува за тоа како уметниците треба да се поврзуваат со публиката и подобро да ја забавуваат. Британката Џоти, диџејка во Rinse FM, ќе се здружи со нејзината сонародничка Ели Џајлс од Step Music Management, Украинката Анастасија Бабичева од Masterskaya и психологотот Вера Кравченко за да дискутираат за справување со омразата на интернет.
Шони Кабаљеро од британската агенција Go 2 Agency ќе води работилница посветена на тема којашто е мошне актуелна како резултат на порастот на пазарот на дигитална музика — авторските права. Таа ќе расветли прашања како што се заштитата на едно авторско дело и добивањето соодветен надоместок, „правилата“ за креативни онлајн содржини и како треба да се постапи кога трето лице без дозвола го користи вашето авторско дело. Ќе присуствуваме и на она што несомнено ќе биде еден опсежен разговор помеѓу делегатите од два исклучително уникатни музички пазари — Британецот Џон Дан од Parallel Lines и Грузиецот Ѓорѓи Киконишвили од Electronauts/Bassiani/Horoom Nights. Тие ќе зборуваат за тоа како ги составуваат своите тимови, нивните методи, како успеале да ги преживеат изминатите две години и што ја придвижува независната музика во нивните земји. На Клер О'Нил, коосновачка на британскиот Greener Festival и претседателка на Зелената група на Здружението за електронска музика, ќе ѝ се придружат Феимата Конте, менаџер за одржливост на животната средина на британскиот фестивал Manchester International Festival и Вера Логданиди, украинската музичка активистка од Rhythm Büro, за да разговараат за улогата на индустријата во соочувањето со климатските промени. Тие ќе дискутираат за тоа што уметниците и публиката можат да преземат за да придонесат за поодржлив музички сектор и остварливи решенија за системски промени преку уметноста.
Но како сево ова да не е доволно, ќе разгледуваме и нови пристапи за соработка, ефективно управување со времето, предизвикот наречен онлајн тим билдинг, ангажирање на публиката, монетизација во онлајн просторот и многу повеќе.
Конференцијата Selector PRO ќе се одржи на онлајн платформа којашто е лесна за употреба и овозможува бројни функции како што се мрежно поврзување, интерактивни работилници и дискусии, соби за разговор во четири очи и библиотека со ресурси за прегледување изминати преноси.
Плус, не можете да се жалите за цената. Дигиталниот форум Selector PRO е бесплатен со претходна регистрација. Форумот е бесплатен. Сè што треба да направите за да присуствувате е да се регистрирате овде.
Пред почетокот на настанот ќе ги добиете вашите детали за најава и насоки за тоа како да се движите низ просторот за онлајн состаноци.