Зошто се пријавивте да бидете менторка? 

За да го споделам своето искуство, знаење и да спознаам нови гледишта. Секогаш е важно да се проширува светогледот. Кога една личност е менторка, таа ги унапредува своите вештини за комуникација преку работата и разговорите со личноста која ја менторира. Со споделувањето знаење и искуства се утврдува тоа што веќе го знаеме, но се отвора и можност да научиме нешто ново.

Како менторка имате можност да ја проширите мрежата на контакти преку поврзување со други менторки и лидери. Доколку сте добра менторка и личноста која ја менторирате успее, тоа значи дека и вие сте заслужни за нејзиниот успех. За крај, најголемото признание е тоа што ќе си го дадете самите на себе. Чувството на исполнетост и напредок е импресивно кога менторот ќе се наврати на почетокот на соработката со менторираното лице. 

Каква разлика прави тоа некој да има ментор на почетокот од својата кариера? 

Менторираните лица ги надградуваат знаењето и вештините, добиваат вредни совети од поискусна личност и градат професионална мрежа. Менторката и менторираното лице имаат можност да ги унапредат вештините за комуникација, да научат нови начини на размислување и да напредуваат во кариерата. 

Според Вашето досегашно искуство, како се справуваат жените со родовата нееднаквост и како може да им се пружи поддршка? 

Може да им се пружи поддршка на секој можен начин, без поставување прашања и осудување.

Оваа година, темата на Меѓународниот ден на жената е #ChooseToChallenge и кај жените се подига свеста за спротивставување на пристрасноста, борбата за еднаквост и уважувањето на достигнувањата на жената. Какви чекори ќе преземете Вие за ова? 

Дел сум од неколку проекти, меѓу кои и „Медиуми за сите“ („Media For All“), и ги охрабрувам жените кои претрпеле насилство во рамките на проектот „Новинарките против насилството“, којшто е фокусиран на соработка со медиумите преку специјални програми и насоки за новинари кои пријавуваат насилство врз жени и девојчиња. Целта е да им се помогне на медиумите/новинарите да ја сфатат нивната улога во превенцијата од насилство врз жените и девојчињата и да развијат свесност дека може да известуваат со изнесување факти, етички и разумно, како и да се организираат разни обуки, конференции и семинари за медиумската покриеност на насилството врз жените.

Ги обучувам, ги менторирам, им пружам поддршка и им ја проширувам мрежата на жените во новинарството. Се залагам за родова еднаквост во секторот на медиумите, во поглед на родово чувствителни содржини и унапредување на родовата еднаквост на работното место.