КулТИП предизвик за иновативни решенија во културата
КулТИП предизвик

Организираме КулТИП предизвик кој треба да ги доближи претприемаштвото и технологијата со културата, преку заедничка соработка на млади претприемачи, старт-ап компании и студенти по информатички науки и компјутерско инженерство со претставници на културни институции во Македонија. Предизвикот треба да понуди иновативни решенија за тоа како новите технологии и иновации може да им помогнат на културните институции во нивното управување и развој на публика.

Услови и правила за учество на предизвикот

Британски совет и Факултетот за Информатички Науки и Компјутерско Инженерство (ФИНКИ) објавуваат предизвик за иновативно решение со кое технологијата може да помогне на културата.

Целта на овој предизвик е да се охрабрат мултидисциплинарни тимови да предложат едноставни, брзо спроведливи и одржливи решенија, со кои новите дигитални технологии може да им помогнат на културните институции, особено музеите и библиотеките, во нивното управување, продукција, грижа и промоција на колекции, како и привлекување на поголема публика.

Предложените идејни решенија треба да се пријават само со користење на предложениот официјален формулар. Решенијата ќе се оценуваат според влијанието кое истите ќе го имаат за конкретна културна институција од аспект на културата во Република Македонија, можноста решението да се примени и во други сродни институции, соодносот помеѓу перформанси и цена, како и степенот на самоодржливост на предложеното решение. Предлозите може да доаѓаат од правни субјекти и од неформални тимови. Особено се охрабрува вклучување на членови во тимот кои воедно се и претставници од соодветната културна институција за која се предлага решението.

Пријавувањето е отворено до среда, 21 мај 2014 година на полноќ на страницата Создади КулТИП. Резултатите од првичниот избор на најдобри решенија ќе бидат објавени во петок, 30 мај 2014 година. Учесниците на најдобро рангираните проектни решенија на 4-6 тимови ќе бидат поканети на 4-дневна обука за креативно претприемаштво во Скопје во последната недела од јуни.

По обуката тимовите ќе бидат поканети да развијат финални решенија од кои ќе се избере едно, кое ќе добие финансиски средства за да биде реализирано за конкретна културна институција (музеј или библиотека) во Република Македонија.

Преглед на процесот

Кој може да се пријави? На КулТИП предизвикот може да се пријават тимови во кои има вклучено најмалку едно лице вработено во културна институција (музеј или библиотека) за која ќе се предложи иновативното решение. Пријавата може да дојде од правен субјект (фирма, старт-ап, здружение), кој како членови на тимот ќе вклучи и лице од културна институција и/или други соработници кои смета дека се потребни за реализација на предложеното решение. 
Кој ги поседува авторските права на предложеното решение? Тимот и неговите учесници, како што меѓусебно ќе се договорат, ги поседуваат и задржуваат авторските права на предложеното решение. Доколку го реализираат своето решение во некоја конкретна културна институција, правата за понатамошно користење на решението ги договараат со соодветната институција.
Како се пријавуваат решенијата за овој предизвик? Секој тим треба да поднесе едно предлог решение на овој предизвик користејќи ја исклучиво онлајн формата која е дадена на оваа страница. Во неа треба да се додадат имињата и контактите на сите вклучени членови на тимот, и потоа да одговорат на поставените прашања во дадениот простор.
Кога ќе знам дали идејата е прифатена?  До крајот на мај 2014 година ќе бидат избрани 4-6 тимови со нивните најдобри идеи (според проценка на надворешно жири). Во текот на летните месеци избраните тимови ќе треба да работат на развивање на конечни решенија. Во септември ќе биде избрано едно победничко решение кое ќе се реализира во предложената културна институција.
Дали има поддршка за тимовите за реализација на нивните идеи? Британски совет и Факултетот за Информатички Науки и Компјутерско Инженерство преку својот Социјален Иновативен Центар ќе помогнат со совети и техничка поддршка во рамки на своите можности ако тоа го побараат тимовите. На крајот од јуни претставниците на избраните тимови ќе бидат поканети на 4-дневна обука за креативно претприемаштво, која ќе им даде повеќе вештини како да ја доразвијат својата првична идеја. На тимот со победничко решение во периодот од септември до ноември техничка и стручна помош во развивање на функционално решение во соодветна културна институција ќе му пружи Социјалниот Иновативен центар, а финансиска поддршка за реализација на решението ќе обезбеди Британски совет.

Пријавете се за учество на страницата на Создади КулТИП.

Овој предизвик е дел од проектот кој е насочен на создавање платформа за соработка меѓу културата, образовниот и деловниот сектор за развој на креативните индустрии, со посебен фокус на информатичките технологии и дизајнот, и ја поддржува националната програма за иновации. 

Во рамките на проектот ќе биде прикажан практичен модел на вклучување на образовниот сектор преку иновации и претприемништво како одговор на потребите на културните институции за осовременување на нивното управување и на услугите. Проектот вклучува три елементи: јакнење на свеста за креативните индустрии меѓу сегашните и идните професионалци од секторот за ИТ и дизајн, практична соработка помеѓу овие сектори и создавање конкретен краен производ кој ќе се користи во модернизацијата на одбрани културни институции. Работиме заедно со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и со нивниот Социјален иновативен центар од Скопје, Македонија.

Дополнителни страници

Споделете на социјални мрежи