Tim Philips image

На Тим му поставивме неколку прашања за важноста на наставничките компетенции, како сè функционира во Велика Британија и за неговата работа во Британски совет која е насочена кон градење на капацитетите на наставниците. Еве што ни кажа.

1. Која е важноста на наставните компетенции во еден поширок контекст?

Наставните компетенции имаат неколку цели. Сметам дека една од најпозитивните е што тие јасно покажуваат што е потребно да се биде наставник и кои се вештините и знаењето што наставникот треба да ги поседува. Компетенциите му помагаат на наставникот да разбере што треба да прави, а со тоа и во која област треба да се подобри, бидејќи покажуваат што наставникот совладал, каде и на што да се фокусира за да напредува. Со компетенциите може да се подигне и статусот на наставниците бидејќи тие покажуваат дека поучувањето е комплицирана и комплексна работа. Истите се користат и за следење и оценување на наставникот. Значи, имаме документ кој е јасен, договорен и ви кажува дали наставникот добро работи и во која област треба да се подобри. Според тоа, сметам дека во Македонија придобивките би биле да се помогне во разјаснувањето што е она што поучувањето го бара.

2. Имате ли некои примери од Велика Британија кои би биле од интерес за образованието во Македонија?

Она што сметам дека би било најинтересно е училишното лидерство. Многу време се работеше на оваа тема со Владата, особено во Англија, во однос на давање поголема автономија на училиштата, со што самите ќе можат да донесуваат одлуки. Секако, за тоа е потребно добро лидерство. Затоа, училишните лидери мора да поминат обука, да бидат одговорни за своите училишта, а особено за работата која ја вршат нивните наставници. Тие играат голема улога во насочувањето на своите наставници, бидејќи тие се постојано таму, во училиштата. Мислам дека овој пример е од голем интерес и во други земји, но нема обука за лидерите или пак постои различен концепт за лидерската улога. Сепак, ние во Велика Британија, на училишниот лидер му придаваме голема важност.

3. Каква улога има Британскиот совет во постојаното стручно усовршување?

Би рекол дека особено во наставата по англиски јазик Британски совет е една од најголемите организации во светот која се занимава со стручното усовршување на наставниците. Организираме обуки за околу 2000 наставници – почетници во нашите центри за настава ширум светот. Работиме и со влади, министерства и други организации во стручното усовршување на наставниците на проекти за англиски јазик во многу различни контексти. Тука е и работата која ја работи мојот тим во однос на креирање обуки и материјали за стручно усовршување, кои во многу случаи се единствени – никој друг не подготвува материјали во оваа област. Во однос на наставниците кои предаваат други предмети на англиски јазик , ја носиме британската експертиза и искуството на наставниците пошироко во образованието и нудиме помош при развивање на системи за стручно усовршување на наставниците. 

Следните чекори од нашиот проект ќе се фокусираат кон креирање на механизми за заедничко работење на сите чинители од образованието со цел подигнување на квалитетот и наставничката пракса на наставниот кадар по англиски јазик во Република Македонија.