Оваа година, темата на Меѓународниот ден на жената е #ChooseToChallenge. Штотуку започнавме со реализација на новата пилот-програма за менторство. Петнаесет жени од земјите од Западен Балкан работат со нивните поискусни колешки со цел да напредуваат во кариерата.  

За да ја претставиме пилот-програмата за менторство, разговаравме со Амра, една од нашите менторирани новинарки од Босна и Херцеговина, и нејзината менторка Маша Милеусниќ, искусна новинарка од Србија.  

Зошто се пријавивте за менторската програма?

Се пријавив за менторската програма, бидејќи веќе подолго време сакав да направам нешто за себе што не е директно поврзано со мојата организација, но е директно поврзано со мојата работа. Менторството од менторка со поголемо знаење, искуство и вештини кои ќе ми ги пренесе, ќе влијае на мојот личен и професионален развој. Самата програма, пак, нуди одлична можност некој активно да те слуша без да те осудува и без пристрасност, што е навистина реткост во денешно време. 

Што би сакале да постигнете за време на следните два месеци од програмата за менторство? 

За време на програмата за менторство, планирам да извлечам максимум со помош на мојата менторка. Ќе ѝ поставувам прашања за секоја ситница која ме мачи во приватниот и професионалниот живот. За овие да месеци планирам да дадам сѐ од себе за да ги исполнам моите СМАРТ (стратешки, мерливи, достижни, реалистични и насочени) цели, но и некои општи цели коишто главно влијаат на унапредување на моите интерперсонални вештини. Една од работите на кои ќе работиме и ќе ги вежбаме е како да презентирам сторија/идеја. 

Дали формална програма за менторство би им помогнала на жените кои се на почетокот на својата кариера во медиумите? 

Да се работи во медиум значи да се работи во една мошне компетитивна средина. Формалната програма за менторство е од корист бидејќи се спријателуваш со личност од доверба – искусна личност која со години работи во медиум. Мојата менторка веќе ми помогна да воспоставам рамнотежа во поглед на нештата што ми значат во животот. Таа ми го пренесе и понатаму ми го пренесува сето тоа што го има научено во нејзината досегашна кариера, сите грешки и сите достигнувања, за да ми послужи за пример при градењето и преземањето чекори во мојата кариера – со цел да се изградам како личност и професионалец. За сето ова сум ѝ многу благодарна. Менторството е нешто што треба да се воведе во секоја професија.  

Дали досега лично имате искусено родова нееднаквост или пристрасност? Како се справивте со тоа? Или, пак, не успеавте да се справите? 

Според мене, не постои жена којашто нема почувствувано родова нееднаквост или пристрасност некогаш во животот. Постои општо верување дека мажите се поспособни од жените на Балканот. Јас лично не се сложувам со тоа. Нивниот недостиг на самодоверба, доживувањето на моќната жена како закана и стравувањето од можноста жената да носи одлуки ја загрозуваат состојбата на жената.  

Јас лично имам искусено родова нееднаквост и пристрасност, но претежно во приватниот живот. Вообичаено започнува со шега која прави да се чувствувате неудобно. Како се справувам со тоа? Решение за тоа е комуникацијата! Секогаш се потсетувам себеси дека сум способна млада жена и дека не постои нешто во светот што не можам да направам ако се решам. Тоа никој не може да ѝ го одземе на жената. Важно е жената да се идентификува како силна и способна жена. Токму таква сум и јас! 

Штотуку започнавте да ја следите програмата за менторство. Дали би им ја препорачале на другите новинарки?  

Никогаш не е доцна да се пријавите за програма за менторство! Откако ќе завршиме со студиите и ќе се вработиме, некако забораваме да се надградуваме надвор од работното место. Менторството е одличен начин да ја зголемите самодовербата, да постигнете личен и професионален развој и да научите многу за животот, работата, луѓето и како сето тоа е меѓусебно поврзано. 

Оваа година, темата на Меѓународниот ден на жената е #ChooseToChallenge и кај жените се подига свеста за спротивставување на пристрасноста, борбата за еднаквост и уважувањето на достигнувањата на жената. Какви чекори ќе преземете Вие за ова? 

Никогаш не сум сакала да го „славам“ Меѓународниот ден на жената, но оваа година одлучив на овој ден да направам нешто посебно. Бидејќи сите буквално живееме на социјалните мрежи, а и самата јас сум зависна од нив, наидов на еден мошне интересен проект.  На 8 март ќе испратам своја фотографија до феминистичкиот колектив „Фактив“ на темата „Одмор на 8 март“. Целта на овој проект е да се рекреира водич од женско списание од 1954 година: „Приседнете и одморете се по напорната работа. Создадете си навика секој ден да одморате вака половина час после ручек“.  Целта на проектот е да се прикаже жената во нејзиниот дом за време на пандемијата. Сосема можам да се поврзам со ова, бидејќи откако започна пандемијата работам од дома веќе цела година, и за тоа време како жена научив како може да се постигне истовремено да се работи, да се готви, да се вршат домашни обврски, да се перат алишта, да се пазарува и да се плаќаат сметки! Оттаму, со учеството во овој проект си се уважувам себеси и си оставам простор да размислам за целиот товар што доброволно го носам на плеќиве.