TVM Television Ohrid poster featuring a series of overlapping profile silhouettes of multiple faces in various colours with Cyrillic text.

ТВМ е првиот приватен локален медиум во Охрид, кој со својата работа започна во далечната 1992 година со емитување на првиот аналоген сигнал во Охридско-струшкиот регион. Оттогаш ТВМ е синоним за “охридска ТВ”, како што гледачите не нарекуваат, чувствувајќи не за своја – за телевизија на која и веруваат. 30 годишниот јубилеј го пречекавме силно решени и посветени да го задржиме тој имиџ. Од огромна помош ни беше поддршката од програмата Media for All во 2021, финансирана од Обединетото Кралство која ни помогнаа да го имплементираме првиот проект – Ти си твојот град.

Научивме многу, стекнуваме непроценливи искуства, нашите видици се проширија, а ентузијазмот се зголеми. Најзначајно е тоа што се повеќе изнаоѓаме нови начини да се поврземе со публиката и тоа во време кога таа покажува се помал интерес за телевизијата како медиум.

Во тој поглед, грантот кој што го добивме преку програмата Western Balkans Media for Change за поддршка на нашата иницијатива Заедницата има многу лица, е од огромно значење за нас. Со оваа иницијатива нашата визија беше да им дадеме на нашите гледачи можност да обликуваат содржини, да поттикнуваат дискусија, да ги споделуваат своите размислувања за содржината што ја консумираат, да се охрабрат да ги адресираат сите предизвици, проблеми, потреби, како и да раскажат убави, успешни и мотивирачки приказни.

Се менуваме како тим, како професионалци и како личности. Од првата видео сторија и првиот контакт со менторот од програмата Western Balkans Media for Change Тамара Чаусидис, целиот тим бевме возбудени и охрабрени дека пред нас имаме реализација на уште еден ангажиран проект. Ни претставуваше огромно задоволство и чест што работевме и учиме од новинарско име како што е Чаусидис.

Со Заедницата има многу лица сакаме да им овозможиме на што повеќе граѓани од различни групи (жени, лица над 65 години и млади) да ја раскажат својата приказна, да зборуваат за тоа како живеат, што им помага, а што им одмогнува, што би сакале да се промени, со цел да ја поттикнеме локалната власт да ги земе предвид нивните интереси и потреби при креирањето политики и буџетирање, но и да ја подигнеме свеста кај заедницата како целина дека треба да се грижиме едни за други.

Кратките видео стории што ги продуциравме го привлекоа вниманието на јавноста. Иако имавме објавено повик за електронско пријавување на граѓани кои сакаат да зборуваат во #Заедницата има многу лица, многу повеќе лица покажаа интерес со непосредени јавувања во нашата редакција или предлагаа свои сограѓани за кои сметаат дека треба да бидат снимени. Тоа уште еднаш ни потврди дека публиката сака да гледа локални лица и локални приказни, а од друга страна пак, дека има многу граѓани кои сакаат да бидат видени и слушнати, нивните мислења да бидат на некој начин уважени, а сето тоа да биде убаво визуелно спакувано во медиумски производ.

Заедницата има многу лица ни помогна да ја збогатиме програмата со нови содржини од сопствено производство кои инволвираат локални жители и да бидеме поатрактивни за нашите гледачи. Посебно сме горди што со оваа поддршка воведовме знаковен јазик за дебатите во живо, реализирани во нашето студио.

Како регионална ТВ станица, веќе 15 години продуцираме Дневник за лицата со оштетен слух, со интерпретатор на знаковен јазик. Со поддршката од програмата успеавме да ја вработиме Лора, толкувачка на знаковен јазик, која претходно беше хонорарно ангажирана во ТВМ.

Овој проект за нас беше можност во вистинско време да ги реализираме нашите размислувања за тоа како да продолжиме да служиме на потребите на една разновидна заедница. Во денешен контекст на трендовите во медиумската сфера, значајна промена е нашата поголема посветеност на искористување на социјалните медиуми за интеракција со граѓаните и зголемување на опсегот на допирање до поголема публика. Реализацијата на проектот во рамки и со поддршка на програмата Western Balkans Media for Change, не мотивира преку портал, кој функционира во тесна врска со социјалните мрежи и нашиот YouTube канал да создадеме една мрежа која во крајна линија ќе ја зголеми информативната моќ на телевизијата, ангажирање на граѓаните и подигање свесност за прашања од значење на заедницата.

Ирена Арнаудова, главна и одговорна уредничка, ТВМ

Споделете на социјални мрежи