“Целата таа замисла дека науката може да лекува, дека може да воскресне некого... тоа е науката како нова религија”.
Дејмиен Хрст – Нова религија, каталог од изложбата, галерија „Пол Столпер“, Лондон, 2006
Извадоци од интервјуто со Дејмиен Хрст реализирано од Шон О’хejган (Sean O’Hagan), 2006
Зошто ја нарековте изложбата Нова религија?
Дејмиен Хрст: Па, не можам да се оттргнам од впечатокот дека науката за многумина е новата религија. Тоа е толку едноставно, а толку комплицирано.
Кои беа главните движечки идеи на изложбата? Дали секогаш станува збор за истите движечки идеи?
Што се однесува до самиот процес, она што секогаш прво ми доаѓа на ум е самата форма – така, на пример, шкафчињата со лекови секогаш се наредени според бојата. Луѓето прашуваат: „Зошто ги нареди така?“ А одговорот е секогашво уметнички стил ист, боја, форма. Се работи за тоа да најдеш нешто зад кое можеш да се сокриеш и каде можеш да донесуваш уметнички одлуки кои се однесуваат на поставувањето на работите на начин кој изгледа добро: бои, контури, форми. Тоа, е нешто што како уметник секогаш го правиш.
...дали оваа изложба има некоја важна тема? Некоја битна, Хрстовска тема?
Па, се сеќавам како сум размислувал дека во животот има четири важни работи: религија, љубов, уметност и наука. Сите тие, во своето најдобро издание, се само инструменти кои ни помагаат да го најдеме патот во темницата. Ниту една од нив не функционира баш најдобро, но сепак помагаат. Мислам дека од сите нив науката, во овој момент, е вистинската работа. Исто како и религијата, науката дава трошка надеж дека, на крајот, сè можеби, ќе биде како што треба.
Во овој случај, всушност, сакав луѓето да размислат за комбинацијата од наука и религија. Обично луѓето мислат дека тие се мошне различни, дека едната е студена и аналитичка, а дека другата е емотивна, срдечна и топла. Сакав да ги прескокнам тие граници и да изразам нешто што делува студено и аналитички, но исто така ги има и сите религиски и метафизички конотации.
Имињата на медикаментите звучат мошне таинствено, нели? Прозак, темазепам, валиум... звучат таинствено речиси исто како и имињата на светците...
О да, имињата! Ларгактил! Од кој ѓавол потекнува тоа? Сега фармацевтските компании ја вршат работата на религиите: ние ќе направиме да се чувствувате подобро во својата кожа. Свети Ларгактил. Лекови на рецепт – тоа е новата религија.