Како клучен подготвителен настан за претстојниот Самит за Западен Балкан во Лондон, закажан за јули 2018 година и како поддршка на нашата агенда за градење на посилни општества, Британскиот совет во соработка со Регионалната младинска канцеларија за соработка (РМКС) ја организираше Конференцијата за млади за Западен Балкан во Приштина на 26-27 март 2018 година. Преку низа панел дискусии, презентации и работни групи, младите и младинските организации во регионот подготвија препораки и пораки за политиките што ќе им бидат презентирани на владите во Западен Балкан. 

Конференцијата се фокусираше на тоа како најдобро да се поддржат младите и младинските организации во овој регион. Таа даде можност за споделување на најдобри практики и за размислувања за младинските политики со акцент на заедничка дискусија за тоа на кој начин младите граѓани во регионот се вклучени во берлинскиот процес како дизајнери и надгледувачи на политики, како и нивни корисници. 

Меѓу останатите дваесет и шест говорници, на конференцијата се обрати Амбасадорот во Приштина Рори О’Конел, заменик директорот на Одделот за Западен Балкан при британското Министерство за надворешни работи Питер Бејнбриџ и генералниот секретар на РМКС, Ѓуро Блануша.

На речиси 100 учесници им се приклучија и претставници на регионални организации и иницијативи, како и од клучни меѓународни развојни агенции и партнери кои работат за и со младите во регионот. Заедно тие подготвија препораки и пораки за политиките што ќе им бидат презентираните на владите во Западен Балкан. Тие вклучуваат јакнење на гласот на младите, вклучување на најновите младински истражувања и анализи за да се постигне заемно разбирање за тоа како да се решат клучните предизвици и приоритети заедно. Оваа платформа цели кон намалување на јазот меѓу политиките и праксата и обезбедување на ефективни механизми за да се чуе гласот на младите.

Еве што изјави за конференцијата и за нејзиното значење за берлинскиот процес, Клер Сирс, директорка на Британски совет за Западен Балкан: „Ни причинува задоволство што ја создадовме оваа платформа за да се слушнат толку многу млади гласови од регионот и да придонесат кон агендата за Самитот за Западен Балкан“.
Амбасадорот О'Конел изјави: „Младите се движечка сила за промена и тие мора да имаат моќен глас во дебатите за политики низ Западен Балкан. Оваа младинска конференција за Западен Балкан го одбележува највисокото достигнување на проектот „Активни граѓани“ на Британскиот совет, преку кој младите имаат можност да ги претстават своите препораки на самитот.“
Ѓуро Блануша – генералниот секретар на Регионалната младинска канцеларија за соработка изјави: „Видлив резултат од Берлинскиот процес е тоа што Канцеларијата за регионална младинска соработка е денес функционална платформа за младинска соработка и усогласување на процесите во регионот, со која се отвараат нови позитивни перспективи за граѓаните, особено за младите.”
Споделете на социјални мрежи