Smiling man and woman looking at computer tablet

Со нашиот партнер Фондацијата „Томсон“ во рамките на проектот „Media for All“ работиме со 55 медиуми од Западен Балкан, со цел да ги преточиме нивните бизнис идеи во деловни планови преку интензивно менторство, онлајн алатки и поддршка.  

Изминативе шест месеци, медиумите работеа интензивно со нивните ментори, посетуваа обуки за е-учење и создадоа нови производи, вклучително подкастови, производи за промоција, телевизиски документарци и ги ажурираа нивните веб-страници. 

Неколку медиуми, меѓу другото, беа фокусирани и на создавање содржини со коишто ќе се поврзат со граѓаните во нивната земја и во странство, односно:

  • создавање содржини на повеќе јазици со кои медиумите ќе се поврзат со малцинствата;
  • истражување на албанската дијаспора, поддржано од Фондацијата „Томсон“,  кое ќе им помогне на медиумите кои учествуваат во проектот „Media for All“ да создаваат содржини кои ќе ѝ бидат од интерес на публиката што живее ширум светот, но сака да биде во тек со настаните во родната земја;
  • создавање мултимедијални содржини и овозможување нивна достапност до пошироката публика преку претплата; и
  • поврзување со локалните заедници, со цел да се откријат нивните интереси и потреби, и создавање разни формати, вклучително подкастови и видеа со кои лесно ќе се привлече нова публика. 

Проектот „Media for All“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство, го спроведува Британски совет во партнерство со Балканската истражувачка мрежа (БИРН), Фондацијата „Томсон“ и ИНТРАК (Меѓународниот центар за обука и истражување на НВО). 

За активностите на грантистите на проектот „Media for All“ може да дознаете повеќе во текстот подолу или на нашата веб-страница Journalift на којашто ќе се запознаете со нашата работа во регионот.

Албанија

Според спроведената студија, албанската дијаспора ги поддржува медиумите во Албанија.

Во рамките на проектот „Media for All“, Фондацијата „Томсон“ спроведе студија за тоа на кој начин преку медиумите се поврзува албанската дијаспора со родната земја. Добиените податоци ќе им помогнат на медиумите полесно да планираат активности и да се поврзат со дијаспората. 

Истражувањето, спроведено од Центарот за развој на наука и иновации во Тирана, опфати исцрпни интервјуа со претставници на организации, здруженија и медиуми, односно онлајн анкета во која беа вклучени 500 претставници од седум држави – Австралија, Обединетите Американски Држави, Канада, Италија, Германија, Грција и Обединетото Кралство. 

Според наодите, повеќе од половина од испитаниците се подготвени да им пружат поддршка на независните локални медиуми во Албанија. Голем дел од медиумите нудат непарична поддршка во облик на споделување знаење, вмрежување и создавање содржини. Членството и претплатата за следење содржини се една од можните опции за испитаниците коишто изјавиле дека би учествувале во групно финансирање или би направиле еднократна донација.  

Босна и Херцеговина

„Дискриминација.ба“ („Diskriminacija.ba“): Со содржини во нови формати до нова публика

„Дискриминација.ба“ од Сараево е онлајн платформа во којашто новинарите известуваат за разни прашања поврзани со човековите права и еднаквоста. Медиумот доби грантови за деловен развој и за алатката за известување со вклучување на граѓаните. Благодарение на обуката и учењето, медиумот создаде серија темелни и одлично истражени стории со кои наиде на силно одобрување од публиката.  

Како дел од деловниот развој, во медиумот се состави тим од надворешни соработници кои се експерти за графички дизајн, видео и уредување, кои ќе помогнат да се создаваат мултимедијални содржини. Еднаш месечно, на веб-страницата на медиумот се објавува билтен. 

Новинарите од медиумот имаат за крајна цел да го преобразат медиумот од платформа во новинарска агенција за граѓанско општество во Босна и Херцеговина, преку објавување мултимедијални содржини за активностите на организациите на граѓанско општество коишто ќе ги користат другите медиуми. 

Косово

РТВ „Беса“ (RTV „Besa“) од Призрен се поврзува со две малцинства од градот преку нејзините телевизиски емисии на босански и турски јазик. Овој медиум планира да овозможи превод на седниците на Општината на мајчиниот јазик на овие малцинства. 

Изминативе шест месеци, РТВ „Беса“ создаде 36 емисии на босански јазик и 38 емисии на турски јазик. Во нејзините емисии гостуваа претставници од босанската и турската заедница, а беа покриени теми од областа на политиката, културата, уметноста, спортот, граѓанското општество и бизнисот. Понатаму, РТВ „Беса“ отвори и свои страници на „Фејсбук“ на босански и на турски јазик, на кои секојдневно споделува содржини. 

Покрај тоа што привлече нова публика, РТВ „Беса“ го зголеми и приходот преку рекламирање производи и услуги на клиенти во нејзиниот медиумски простор. 

Црна Гора

ТВ „Теута“ (TV „Teutа“) значително ја зголеми публиката на нејзините дигитални платформи  

ТВ „Теута“ од Улцињ, којашто е медиум што создава содржини на албански јазик, се поврзува со луѓето како никогаш досега откако создаде нова веб-страница и апликација со помош на проектот „Media for All“. 

Според податоците што ги имаме за изминативе шест месеци откако започна проектот, се зголеми бројот на следбениците на нејзиниот канал на „Јутуб“, па сега има дополнителни приходи од видеата и зголемен број следбеници на „Фејсбук“ за 50%. Бројот на следбеници на страницата на „Инстаграм“ на ТВ „Теута“ се зголеми за неверојатни 418%.   

Во тесна соработка со менторите од проектот „Media for All“, ТВ „Теута“ во моментов е фокусирана на споделување снимени содржини во живо и создавање содржини за нејзината веб-страница и социјалните мрежи. Таа создава и документарци за дијаспората. Има за цел да создаде модерен билингвален портал за да можат жителите на Црна Гора, без разлика дали се во нивната држава или во странство, да бидат во тек со локалните вести и гледишта.  

Северна Македонија

ТВ „Кис и Менада“ (ТV „Kiss i Menadа“): Содржини на барање на дијаспората

Регионалниот медиум ТВ „Кис и Менада“ од Тетово планира да сними вкупно 24 емисии, едната половина од нив на македонски јазик, а другата половина на албански јазик, коишто дијаспората ќе може да плати за да ги гледа. Медиумот, како и останатите медиуми од Северна Македонија, со Фондацијата „Томсон“ во рамките на проектот „Media for All“ работи на создавање систем за е-плаќање со којшто ќе се овозможи наплата за следење содржини. 

Како дел од деловниот план, ТВ „Кис и Менада“ за создавање емисии ангажираше новинар кому албанскиот му е мајчин јазик и уредник којшто работи во албанската заедница, и тие ќе бидат вклучени во создавањето содржини за емисиите и ќе советуваат за содржини од интерес за оваа група. 

TВ „Глоби“ (ТV „Globi“): Документарни серии со фокус на македонската дијаспора

Регионалната телевизија „Глоби“ од Гостивар продуцира документарни серии насловени „ДијаСпора“, во кои учествуваат граѓани коишто емигрирале и раскажуваат за предизвиците со кои се соочуваат во нивните нови држави, како и за врските што ги имаат со нивниот роден град.  

Ќе се снимат вкупно десет епизоди, а ТВ „Глоби“ ужива висок рејтинг и позитивни коментари од публиката за првата епизода којашто е посветена на иселениците во Швајцарија.  

Покрај поврзувањето со пошироката дијаспора, медиумот планира да остварува приходи и од создавање документарци коишто ќе бидат достапни на нивниот онлајн сервис за емитување. Тие ќе добиваат процент од претплатата. Освен оваа придобивка, по соработката со нашиот ментор за развивање бизнис идеи, медиумот не само што ја зголеми публиката, туку и го зголеми бројот на реклами и склучи долгорочни партнерства. 

Србија

Порталот „Маглочистач“ („Magločistač“) ја зголеми публиката за повеќе од 50% благодарение на поддршката на проектот „Media for All“

Порталот „Маглочистач“ од Суботица, град што се наоѓа во Западна Србија, работи само три месеци со тимот од проектот „Media for All“. Со зголемен кадар и нови формати на содржини, вклучително приказни на „Инстаграм“, подкастови и видео-содржини, порталот бележи импресивни резултати.

За време на овој кус временски период, бројот на неговите посетители се зголеми за огромни 55%, благодарение на создавањето поголем број локални содржини и нивното промовирање на социјалните мрежи. Во моментов, повеќе од половина од содржините ги создаваат сами новинарите од медиумот. 

„Кога се работи за создавање локални вести, сите стории се автентични и создадени од самите нас. Не објавуваме објави за медиуми издадени од локалната власт или промотивни содржини за разни локални настани. Сѐ повеќе и повеќе, нашата заедница предлага теми од јавен интерес за коишто пишуваме“, вели Мирана Дмитровиќ, главна уредничка на „Маглочистач“.

Со склучување партнерства со локалните граѓански организации, порталот „Маглочистач“ остварува 70% од своите годишни приходи. Тимот и понатаму ќе продолжи да се фокусира на обезбедување донации од своите читатели преку кампањата за собирање финансиски средства во 2022 г., со цел да собере средства за набавка на опрема со која ќе создава подкастови и содржини на мобилно новинарство.