CC4WBs news, image

УНЕСКО, Британскиот совет и Италијанската агенција за развојна соработка (AICS) го започнуваат проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), којшто е финансиран од Европската Унија и има за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативни сектори за зголемено социо-економско влијание.

„Креативниот сектор е меѓу најтешко погодените од пандемијата на Ковид-19. Затоа, овој нов проект е одлична можност да се прошири моќта на културата и креативноста како двигател за одржлив развој“, истакна Ернесто Отоне Р., помошник генерален директор за култура на УНЕСКО.

Во период од 48 месеци, CC4WB ќе ги развива капацитетите на културните и креативните сектори во регионот на Западен Балкан преку дејствување на повеќе нивоа. Конкретно, тој ќе поддржува посилни културни политики за засилена регионална културна соработка, особено зголемена мобилност на уметниците и културните оператори, а ќе обезбедува и финансиска и техничка помош за раст на културните и креативните индустрии. Проектот ќе ги стимулира и заштитата, управувањето и промоцијата на културното наследство и ќе ги зајакнува јавно-приватни партнерства во културниот и креативниот сектор.

„Мило ми е што заедно со мојот колега, комесарот Вархеји, успеавме да започнеме ваква амбициозна акција вредна 8 милиони евра за поддршка на културните и креативните сектори во Западен Балкан. Интегрирањето на културата може да доведе до меѓусебно разбирање, мирна соработка и стабилност, како и до економски придобивки, особено во регион којшто изобилува со културно наследство. Посветена сум да помогнам при интеграцијата на Западен Балкан во однос на сите области од моето портфолио и им посакувам голем успех на УНЕСКО и неговите партнери при спроведувањето на оваа акција“, рече еврокомесарката Марија Габриел.

„Британскиот совет активно ја брани и промовира улогата на културните индустрии како двигател на одржлив и инклузивен раст. Воодушевени сме што сме дел од овој проект којшто ќе ја поддржи соработката во креативната економија во Западен Балкан и ќе помага при развојот на уметниците, културните лидери и креативните бизниси преку значајни меѓународни врски“, рече Скиндер Хундал, директор за уметност, Британски совет.

„Преку овој проект и партнерство се стремиме и понатаму да бидеме вклучени во стратешкото поле на културата на Западен Балкан бидејќи веруваме дека културата претставува моќен двигател за претворање на различностите во можности, како и за промовирање мирни односи и социо-економски развој“, изјави Леонардо Карменати, заменик директор на AICS.

Споделете на социјални мрежи