Организираме еднодневен настан на кој тројца консултанти од Велика Британија ќе споделат најдобри практики за формирање на Секторска комисија за туризам, прва од ваков вид во Република Македонија.
Настанот, кој ќе се одржи на 12 февруари 2016 година во хотел Холидеј Ин со почеток од 9:00 часот, има за цел да ги зближи сите релевантни чинители од образовните институции и од работодавачите и да ги запознае со нивната улога и важноста од нивното вклучување во Секторската комисија за туризам.
На настанот ќе се дискутираат потребите кои се јавуваат во овој сектор, како работодавачите можат да влијаат врз образованието и обуката на младите и како Секторската комисија може да влијае во развојот на секторот туризам и угостителство.
Пријавувањето е за затворен круг на учесници, по покана.
Ве молиме да одвоите неколку минути од Вашето време за да го пријавите Вашето учество најдоцна до 9 февруари 2016 година на следниот линк http://bit.ly/1nMBu5Y.
Повеќе за улогата на Секторските комисии прочитајте подолу.
СЕКТОРСКА КОМИСИЈА ЗА ТУРИЗАМ И УГОСТИТЕЛСТВО
Со стапка на невработеност на младата популација од 52.2% во Р. Македонија, постои огромна потреба да се надградат вештините на младите, да се подготви работна сила која ќе биде соодветна и мобилна на пазарот на трудот, да се зголеми продуктивноста, и да се креираат програми согласно барањата на работодавачите. За таа цел, се јавува потреба од формирање на Секторска комисија за секторот Туризам, како пилот сектор во Р. Македонија.
Што се Секторските комисии?
Секторските комисии го промовираат развојот на секој поединечен сектор. Тоа се постојани работни структури кои ги идентификуваат и анализираат потребите на пазарот на трудот и придонесуваат кон подобрување на образованието и обуката со што се подготвува работната сила за одреден економски сектор.
Секторските комисии може да се формираат преку иницијативи кои доаѓаат од социјалните партнерства или од владата.Најчесто се признати со закон, со што се дава легитимитет на нивната работа и се афирмира нивниот мандат.
Секторската комисија е перманентно тело кое работи на национално или регионално ниво, во зависност од земјата. Постоењето го оправдува со заедничката цел за реформа на стручното образование со цел да одговори на и да ги задоволи барањата на пазарот.
Основни карактеристики на една Секторска комисија
• Задолжително учество на претставници од работодавачите од секторот
• Работење на структуриран и постојан начин
• Анализа на трендовите во соодветниот сектор
• Фокус на вработувањето (квантитативно) и бараните вештини (квалитативно) во секторот и користење на овие податоци во развојот на секторските политики.
Улогата на Секторските комисии
• Анализа на пазарот на трудот со што ќе се влијае врз квантитативните или квалитативните потреби на пазарот на трудот
• Предвидување на вештините кои ќе бидат потребни
• Понуда на соодветна обука која одговара на пазарот на трудот
• Подготовка на стандарди на занимања во соработка
• Одржување на соработка помеѓу провајдери на обука и работодавачите
• Понуда на обука за вработените