Менторството е ефикасна метода за професионален развој. Тој го поттикнува растот и мотивацијата, ја подобрува продуктивноста и ангажманот, ја олеснува конекцијата помеѓу учесниците, ја зајакнува заедницата и колективниот идентитет на жените, помага во проширување на мрежата на професионални контакти, создава можности за соработка и размена на идеи и придонесува за зајакнување на самодовербата.
Водевме двомесечна пилот-програма за менторство помеѓу февруари и април 2021 година, за да ги зајакнеме жените во медиумите. Учествуваа петнаесет менторирани и шест искусни ментори од шест земји од Западен Балкан. Менторираните беа спарени со ментор со искуство во медиумите. Менторите понудија совети за било какви предизвици, но исто така го споделија своето знаење, искуство и мрежи за поддршка на нивниот менториран. Ова беше можност да се научи, да се поставуваат прашања и да се доживуваат различни перспективи.
Менторираните се состануваа со своите ментори двапати неделно за да работат на целите за личен и професионален развој. Ментоpираните исто така учествуваа на работилници и консултации за размена на нивните искуства, размислување за менторскиот процес и да се поврзат едни со други.
Запознајте ги менторите
Работевме со новинари од целиот регион со искуство во низа медиуми и ги поврзавме со менторирани од различни земји. На крајот од програмата ги замоливме менторите да размислат за нивните искуства. Сите ментори избраа да учествуваат затоа што сакаа да и помогнат на помладата генерација, но исто така открија дека учат од своите менторирани.
Тоа што нашите ментори и менторирани имаа да кажат за програмата
Менторирано лице – Владимира Дорчова Валтнерова (СРБ)
'Жанета беше совршена менторка за мене, бидејќи во моментов работи хонорарно како новинарка, го разбира „претприемачкиот“ дух и смета дека тој е од голема важност за мојата кариера. Постигнавме огромен успех – ми беше непријатно да зборувам на англиски јазик, но со Жанета ја надминав таа бариера и не ми претставуваше проблем кога погрешно ќе изговорев или составев реченица – бидејќи со мојата менторка чувствував сигурност и не се плашев од неуспех покрај неа. Се работи за доверба. Се чувствувам сигурно во оваа група, а тоа е клучно.'
Менторка – Жанета Скерлев (МКД)
'Прекрасни и исполнувачки разговори со една умна и амбициозна новинарка и мудра деловна жена, која доаѓа од малечко село, но е голем човек, прекрасно човечко суштество. Уживав во секој миг запознавајќи ја Владимира подобро, професионално, но и малку приватно. Многу сум задоволна и горда што станав дел од нејзиниот живот и што помогнав таа да си најде идеи, начини и самодоверба да ги прави работите на свој начин. За време на проектот и јас бев менторирана, и тоа од неа – најдоброто чувство, верувајте! За мене, ова беше едно од најважните, најисполнувачките и најблагородните искуства во последните години. Сакав сѐ, секој миг од проектот. Ова не беше задача, ова беше задоволство! Благодарам!'
Менторирано лице – Теодора Новеска (МКД)
'Стекнав самодоверба и ми се зголеми мотивацијата за работата. Мојата менторка Душка ми отвори нови хоризонти. На почетокот немав какви било очекувања, бидејќи за првпат учествувам во ваква програма, но морам да кажам дека беше одлично искуство! Многу сум благодарна што ме поврзавте со одлична менторка. И секако, многу ми се допаднаа сесиите кога сите бевме собрани и разговаравме.'
Менторка – Душанка Пејовиќ (ЦГ)
'Изградивме однос кој се темели на доверба. Честопати имаше мигови исполнети со смеа, радост и разговори, при што не беше важно кој е на повисока позиција или знае повеќе. Заедно анализиравме, учевме преку практични примери и често разговаравме за нашите ставови и вредности поврзани со приватниот и професионалниот живот. Можев да забележам колку беше возбудена Теодора кога разменувавме професионално знаење, кое таа понатаму ќе го примени во различни сфери од новинарството, при комуникација со политичари или сензибилизација на маргинализираните групи. Беше исклучително инспиративно тоа што, иако постои возрасна разлика меѓу нас, делиме речиси ист систем на вредности.'