A close up shot showing a woman’s hands writing on a note pad with a mobile phone to the right on the table

На почетокот од кариерата, на сите млади и амбициозни лица од особена важност им е поддршката. Таа е како ветер во нивните едра. Во рамките на програмата „Media for All“, БИРН на дванаесет лица од Западен Балкан им пружи единствена можност да учат и да работат со најдобрите. На мое огромно задоволство, јас сум меѓу лицата на кои им се укажа оваа одлична можност. 

Запознавањето со организаторите, предавачот и другите учесници од регионот за мене беше неверојатно искуство. Двонеделната онлајн обука беше интерактивна, забавна, едукативна и инспиративна. На почетокот, обучувачот Мет Робинсон нè потсети на основните принципи на кои се темели структурата на вестите и како да ги пренесуваме изјавите на интервјуираните лица. Тој секојдневно ни поставуваше предизвици. На тој начин се запознававме едни со други, соработувавме и заедно ги совладуваме пречките со кои се соочувавме во новинарската работа. Мет секојдневно нè потсетуваше дека новинарството е во служба на јавноста и дека е важно да се почитуваат етичките правила на новинарството како професија. Никогаш нема да ги заборавам неговите зборови: „Работа ви е да прашувате!“.   

Бев пријатно изненадена од ентузијазмот на моите колеги од регионот за проектот. Се чувствував како дел од тимот, како дел од редакција којашто ја има најодговорната работа периодов. 

Обуката ме подготви за тоа што следуваше – четиримесечно стажирање во Центарот за истражувачко новинарство на Србија (ЦИНС). Ментор ми е Владимир Костиќ, уредник на брзите вести на ЦИНС. Навистина го ценам неговото несебично споделување на знаење, солидарноста, разбирањето и, што е најважно, професионалноста. Тој обмисли обука со цел да го надградам знаењето што го стекнав за време на првите две недели. Се надградувам, бидејќи од особена важност е да се учат нови нешта. За почеток, одлично е тоа што научив како функционира и според кои правила се води редакцијата во којашто сум на пракса. Од мојот ментор и колегите научив како графички да го прикажам тоа за коешто зборувам, како исцрпно да ја користам функцијата за напредно пребарување на интернет, како да користам „Word Press“ за објавување вести, како да напишам барање за документи до институција, како и што е важно за безбедноста на новинарите. 

Првата задача што ја добив во редакцијата беше да ја напишам мојата прва сторија. Советите и поддршката од менторите и колегите многу ми помогнаа да ја информирам нашата публика со објективна статија. Тргнувајќи од овие први чекори во ЦИНС, сметам дека ќе постигнам голем напредок и ќе научам уште многу до крајот на праксата. Оваа пракса е бесценета и навистина важна за мојата понатамошна кариера.  

Драго ми е што постојат луѓе кои умеат да го препознаат потенцијалот кај младите и сметам дека никогаш не е залудно да се вложува во нив за да имаме едно подобро општество, општество кое ќе негува и ќе се бори за вредности како што се слободата, еднаквоста, правдата и вистината. 

Основен мотив ме е да си го исполнам сонот и да станам непристрасна и објективна новинарка којашто ќе работи за јавниот интерес и којашто ќе ги почитува сите етички начела на оваа професија. Програмата „Media for All“ ми овозможи да работам на тоа и да се приближам кон исполнувањето на мојата цел.“