Зборувавме со Стефан Џон за неговото искуство со Британски совет во Македонија каде што директно работи на обликувањето на националната образовна политика во областа на квалификациите. Неговата улога како практичар и обучувач помага во градењето на локалните капацитети со цел имплементација на механизми и процеси кои ќе овозможат функционирање на целиот систем на Националната рамка на квалификации во Република Македонија.
Британскиот консултант Стефан Џон за својата работа вели дека трите магистериуми што досега ги одбранил не се толку пресудни како моќта да се разбере проблематиката и да се поседува можноста решенијата за проблемите да се пренесат на други луѓе кои сакаат да го применат вашето знаење. Иако поседува диплома за финансии, кариерата ја започнал како наставник. Магистрирал прво на педагошкиот оддел, а потоа во областа на Образовниот менаџмент и на Лидерство.
Во Британскиот Совет во Македонија досега Стефан Џон одржа обуки на тема „Развивање релевантно стручно образование за потребите на бизнисите“ во 2013 година и „Обука за национална рамка на квалификации“, на 17 и 18 јули 2014 година, со цел да се развијат процесите и протоколите кои ќе овозможат функционална институционална соработка во спроведувањето на Законот за национална рамка на квалификации.
Кои се причините за вашето доаѓање во Македонија во Британскиот совет? Дали станува збор за посебна покана или за рутинска работна посета?
Не сум дојден во рутинска посета. Дојдов да помогнам во спроведување на Законот за Национална рамка на квалификации во Македонија и целиот систем што стои позади оваа рамка. Колку што мене ми е познато, Македонија веќе извесен период работи на добивање на своја сопствена рамка на квалификации. Дојден сум во советодавна и обучувачка улога да помогнам во тој правец и да го пренесам моето искуство од Велика Британија, каде многу долго работам на истата проблематика, прво на креирање, а потоа и на операционализација, односно ставање во функција на рамките за квалификации, на нивно пишување и спроведување. Сум работел и во државите од регионот, како Хрватска и Црна Гора, и моето искуство со совети и создавање на капацитети за националната рамка за квалификации го пренесувам и тука.
Ова е мојата втора посета во Македонија организирана од страна на Британски совет. Минатата година на Центарот за стручно образование и обука и други институции им помогнав околу методологијата за собирање информации за пазарот на трудот со цел да се создаваат и да се развиваат стандардите на занимања и следствено на тоа, квалификациите што се соодветни на тие стандарди на занимања. За квалификациите, односно образованието да биде релевантно на пазарот на трудот, спецификациите за тие квалификации треба да произлезат од стандардите на занимања кои што, пак, произлегуваат од потребите на работодавачите и на стопанските субјекти. Тогаш сфативме дека треба да развиеме цел систем за Македонија.
Која е суштината и значењето на Законот за Национална рамка на квалификации за одредена држава и дали таков закон е имплементиран во Велика Британија?
Во Обединетото Кралство веќе 20 години ја спроведуваме националната рамка на квалификации, ја познаваме проблематиката и голем дел од моето искуство е стекнато во тој процес. И ние имавме законска основа која ја спроведувавме, а истото се случува сега и во Македонија. Донесен е законот и сега се работи на креирање на системот што ќе овозможи функционирање на рамката на квалификации. Рамката на квалификации, всушност, овозможува квалификациите и образованието да се поврзат со стопанството, а на тој начин образовниот систем да продуцира кадри кои ќе ги имаат потребните вештини за пазарот на трудот и со тоа ќе можат полесно да се вработат. На овој начин образованието влијае врз продуктивноста и врз стопанството, а притоа и стопанството повратно влијае врз образованието.
Какви се вашите искуства со работата во Македонија? Со кои институции соработувате и колку тоа е процес само на пренесување знаење, односно дали има и повратна спрега на преземање искуства од Македонија?
Работата е тековна и сѐ уште се одвива. Соработуваме со широка палета на македонски институции, почнувајќи од Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Центарот за стручно образование и обука, Центарот за образование на возрасни лица, организацијата што ги претставува работодавачите во Македонија, Бирото за развој на образование, што значи сите главни чинители што се дел од процесот на создавање квалификации и се дел од системот на создавање на рамката на квалификации. Начинот на кој сакам да работам првично е на развивањето на локалните капацитети, што значи дека не пренесувам само информации и знаење, туку ги развивам локалните капацитети на начин што на институциите им давам практични и конкретни задачи што треба да се сработат. Преку предавањата и работилниците сметам дека локалниот капацитет веќе е развиен, но планираме овој процес да продолжи и понатаму. Ова е мојата втора посета во Македонија, но и кога не сум тука, дијалогот со институциите продолжува, бидејќи им давам конкретни задачи што треба да се изработат, како и урнеци, модели и искуства што сум ги стекнал во Британија, а кои можат да ги применат или да ги прилагодат на условите тука.
Какви се вашите искуства во работата со Британски совет, општо и соработката со Британскиот совет во Македонија?
Со Британски совет работам во неколку држави. Многу интересно е тоа што Британски совет се фокусира на проекти што се поврзани со развивање на вештини кои се неопходни за добар економски развој на секоја земја. На тоа конкретно работиме и во Македонија. Британски совет има големо влијание и успева сите заинтересирани страни да ги собере на едно место. Убаво е тоа што искуствата што ги добиваме во секоја од државите се стекнуваат и се комбинираат со нови, така што кога работите, можете да ги вметнете добрите искуства и нив да ги потенцирате, а и да ги тргнете на страна оние работи кои не треба да се применат. Тоа е интересно во работата со Британски совет што дава можност од широката палета да се искристализираат позитивните работи и да се насочат кон нивниот фокус на работа со вештините. Тоа значи дека искуствата од целиот свет можат да се применат и во Македонија.
Комуникацијата со Британски совет во Македонија е многу професионална, брза и прецизна. Луѓето тука размислуваат напредно. Забележав дека Британски совет има влијание да ги собере сите главни чинители од оваа област на едно место и да работи со нив. Често во другите земји не е толку едноставно да се соберат сите заинтересирани страни на едно место. Гледам дека Британскиот совет во Македонија успева лесно да ја пренесе пораката за тоа колку е важно стручното образование и вештините за економскиот развој на државата, а со таа порака и со комуникацијата што ја одржува со главните чинители во процесот може да стане главен партнер на министерствата во реализацијата на проектот сега и во наредниот период.
Интервју и фотографија: Тони Димков