По Будва, Лондон, Манчестер и Бристол дојде време да се напушти градот и да се оди во природа. Учесниците во проектот „Дигитални градови“ беа дел од кампот за обука во Мокрин Хаус, првиот и најнапреден рурален хаб во регионот. Во текот на тридневниот престој, над 40 учесници од регионот имаа прилика интензивно да работат на најактуелни теми со истакнати експерти од меѓународната дигитална сцена.
На бројните предавања и работилници се опфатија теми како што се претприемништвото во компаниите на 21 век, менаџмент на дигитални производи, тимска култура, стратешки маркетинг и развој на дигитален бизнис, развој и мапирање на дигиталната заедница и откривање на „blockchain“. Исто така, за сите оние кои започнаа соработка со партнерите од Велика Британија, кампот за обука беше прилика за подготовка на спроведувањето на нивните заеднички проекти.
Кампот за обука се отвори со предавањето на Хабиб Лешевиќ, визитинг професор на “Cass Business School” и “Royal College of Arts” во Лондон, со темата „Претприемништвото во 21 век“. Истакнатите предавачи, меѓу кои беа и Лазар Џамиќ, претставник на Факултетот за медиуми и комуникации од Белград; Јувинг Цанг, претставник на компанијата “Disruptive Thinking” од Велика Британија, Нена Раденковиќ, ко-основач на креативниот хаб „Нова искра“, како и Јована Токиќ, претставничка на студиото „Autheos” од Амстердам, го споделија своето знаење и искуство и им овозможија на учесниците со конкретни примери да се запознаат со различни пристапи за решавање на проблеми во секојдневната работа.
Лариса Халиловиќ, директорка на Британскиот совет за Босна и Херцеговина и директорка на проектот „Дигитални градови“ во оваа прилика изјави: Многу сум горда на досегашниот успех на учесниците во проектот. Начинот на кој се поврзаа, воспоставија соработка и ги споделија своите искуства и знаења со другите е навистина инспиративен. Особено ме радува фактот што ќе можат практично да ги применат новостекнатите знаења во својата секојдневна работа и натаму да придонесуваат за јакнење на односите на Велика Британија со регионот на Западен Балкн. Со својата иновативност и претприемништво, овие млади луѓе постојано го менуваат светот во кој живееме и задоволство е да се биде нишката што ги поврзува.
Продолжете да го следите проектот тука и на нашите социјални мрежи зашто ќе продолжиме со вас да го делиме она што се научи во текот на кампот.