Разговаравме со Филип, креатор на игри од Скопје, Македонија, кој реши да го сподели со нас своето искуство од учеството на регионалните работилници во рамки на PlayUK и да поразговараме за тоа како тие влијаеа на неговата понатамошна работа.

Претстави ни се кој си и што работиш

Јас сум Филип и уште од првиот пат кога играв Wolfenstein 3D на 486-ката на татко ми се заљубив во видеоигри и си ветив дека еден ден ќе се обидам да им го подарам истото искуство на други луѓе. Ова беше мотивот зад изборот што го направив многу години подоцна, во 2015 г., кога влегов во индустријата преку моето прво работно место во компанијата за мобилни игри, TabTale. Во 2018 г., одлучив да си ја пробам среќата во NapNok како програмер на нивната следна игра - Chimparty, и уште неколку други прототипови. Денес работам во CrazyLabs како Unity програмер, а во слободно време, заедно со тимот од GGJ 2020, ја развиваме играта што ја почнавме таму.

Филип, неодамна освои прво место со колегите за нова видеоигра на натпреварот Global GameJam во Македонија, може ли да ни кажеш како изгледаше целата атмосфера?

Неколку години претходно сум бил дел од Гејм џем и атмосферата е секогаш иста: многу млади луѓе собрани на едно место, сите пробуваат да ги реализираат своите идеи што подобро во ограничениот рок и иако постои некаков натпреварувачки дух, истовремено никој не те одбива за помош, па се случува еден учесник да напише музика за неколку различни тимови, друг да помогне со анимациите, трет да состави по некоја гејм механика… При крајот веќе сите сте ненаспани, ама никој не губи волја и до последната минута се трудите да ја дошмирглате играта колку можете. Мислам дека целиот настан е супер место да научиш еден куп нови работи, а и да се изненадиш од тоа колку луѓево се способни да смислат и да направат во 48 часа.

Дали и како од тој момент се промени твојата кариера и твојот живот?

Искрено, не можам да кажам дека конкретниот Гејм џем беше некаква пресвртница бидејќи секој Гејм џем досега на свој начин ми потврдил дека сакам да се занимавам со правење видеоигри. Иако, да не се лажеме, беше доста фино конечно да се освои првото место, особено што тоа ни беше првиот заеднички проект со Диме и Александра, а имавме среќа и Даре да се нафати да ни ја направи музиката. Како за првпат, на проектот му пријдовме без многу очекувања, чисто да видиме како ќе соработуваме и испадна дека нѐ бидувало. :)  Во таа насока, првото место дефинитивно ни покажа дека би биле добар тим и нѐ мотивираше да продолжиме со работа на играта, која веројатно ќе ја баталевме ако не победевме.

Зошто би го препорачал учеството во програмата PlayUK на други млади креатори на видеоигри?

Па, всушност, со Диме се запознавме баш на PlayUK, така што, за мене, најважниот исход од програмата беше тоа што запознав некој со кој би сакал да правам игри. Нормално, многу ми беше корисно и искуството што го споделија поканетите говорници (на пример, една од работите што ги научив е како се прави музика со гејмбој?!). Сепак, најдоброто од сѐ е веројатно тоа што се наоѓаш на исто место со многу други луѓе што ја делат истата желба да работат на видеоигри и кога ќе видиш со колку љубов ти ги покажуваат нивните проекти, ова те потсетува зошто и ти си се решил за таа кариера.

Какви совети имаш за младите кои се гледаат во светот на гејминг индустријата, но не знаат од каде да почнат?

Мојот единствен совет би бил - почни да правиш игри без многу да му ја мислиш, буквално почни од првата идеја што ќе ти текне, колку и да ти звучи глупо. Првите обиди секако нема да бидат ремек-дела, ама ќе ти помогнат да сфатиш што најмногу ти лежи, а што ќе треба повеќе да истражиш и со тоа патот сам ќе ти се исцрта.

Споделете на социјални мрежи