Како почна да се користи терминот „креативни индустрии“

Терминот „креативни индустрии“ почна да се користи пред околу дваесет години за да се опише опсег на активности, од кои некои се меѓу најстарите во историјата, а некои се појавија со почетокот на дигиталната технологија.     Многу од овие активности имаа силни културни корени и терминот „културни индустрии“ веќе се употребуваше за да се опише театарот, танцот, музиката, филмот, визуелните уметности и секторот за културно наследство, иако овој термин самиот по себе беше контроверзен бидејќи многу уметници сметаа дека е понижувачки да се смета дека она што го работат е на некој начин „индустрија“.

„Индустрии“ или не, никој не може да го оспори фактот дека овие активности – како тесно дефинираните културни индустрии така и многу поширокиот опсег на нови креативни индустрии – стануваа сè поважни за економијата на многу земји и овозможуваа вработување на голем број луѓе. Но, ниедна влада не се обидела да го измери нивниот севкупен економски придонес или да размисли стратешки за нивната важност освен, можеби, американската влада која речиси сто години ја заштитувала и ја негувала својата филмска индустрија, не само заради нејзината вредност за американската економија, туку заради тоа што ја одразувала американската култура и влијание ширум светот.     Иако тие не претставуваа индустриски „сектор“ кој лесно може да се идентификува на начинот на кој вселенската, фармацевтската или автомобилската индустрија се сметаат за сектори, едно нешто што беше заедничко за сите овие активности беше тоа што тие зависеа од креативниот талент на поединци и од создавањето на интелектуална сопственост.  Освен тоа, да се размислува за нив како за „сектор“, без разлика колку е произволна дефиницијата, наведува на фактот дека тие беа дел од или дадоа придонес кон широк спектар на индустрии и професии, од рекламирање до туризам, и постоеја докази дека вештините и стиловите на работа на креативниот сектор почнуваа да влијаат на другите области од економијата, особено на употребата на дигитални технологии.   

Прв обид да се измери вредноста на креативните индустрии

Во 1997 година, новоизбраната Лабуристичка влада во Обединетото Кралство одлучи да се обиде да го дефинира и да го процени нивното директно влијание врз британската економија. Врз основа на студија објавена во 1994 година од страна на Австралиската влада, Креативна нација, и на советот од поканетата група на водечки креативни претприемачи, владиното ново Министерство за култура, медиуми и спорт објави Креативни индустрии – Документ за мапирање од 1998 година  во кој се наведени 13 области на делување – рекламирање, архитектура, пазар на уметности и антиквитети, занаети, дизајн, дизајнерска мода, филм, интерактивен софтвер за рекреација, музика, изведувачки уметности, издаваштво, софтвер, телевизија и радио – за кои заеднички беше фактот дека тие „...потекнуваат од индивидуалната креативност, вештина и талент и...имаат потенцијал за создавање богатство преку создавање на интелектуална сопственост.“  Концептот на интелектуална сопственост (со други зборови вредноста на една идеја која може да се заштити со авторско право, патенти, трговски марки или други правни и регулаторни механизми за да се запре нејзино копирање или претворање на комерцијална предност без дозвола од лицето чијашто била идејата) се сметаше дека е од клучно значење за да се разберат креативните индустрии - и тој и понатаму го има тоа значење. 

Критичарите тврдат дека студијата креирала лажни разлики и дека индивидуалната креативност и талент се клучни за многу други области на делување, од био-науки до инженеринг. Тоа е точно, се разбира, но студијата намерно избра да не ја вклучи креативната работа на научниците и инженерите која се заснова на систематска анализа и истражување и наместо тоа, да се фокусира на случајните двигатели на креативноста во социјалните и културните сфери. Друга критика беше дека студијата не успеала да ја констатира разликата помеѓу бизнисите кои всушност создаваа вредност од интелектуална сопственост преку креативниот талент на поединци и вообичаено беа мали, недоволно капитализирани МСП или микро претпријатија („мали или средни претпријатија“ значи дека имале помеѓу 25 и 500 вработени или „микро-бизниси“ што значи дека имале 10 или помалку вработени), и бизниси кои профитирале од поседување или искористување на интелектуална сопственост кои вообичаено биле големи, во голема мера капитализирани транснационални конгломерати, за кои понекогаш имало многу малку докази за „креативност“ во начинот на којшто работеле. Двата вида на компании биле многу различни едни од други, но сепак и двата вида биле дефинирани како дел од „креативните индустрии“. И покрај овие и другите критики, студијата привлече значителен интерес, особено кога последователната анализа во 2001 година откри дека овој произволно дефиниран креативен сектор создава два пати повеќе работни места од основната стапка на вработеност на британската економија во целина. 

Како еволуираше размислувањето за креативните индустрии

Дваесет години подоцна, концептот на „креативни индустрии“ и нивната важност е признаен од речиси сите влади во светот и почнува да и отстапува место на една многу поинклузивна идеја за поширока „креативна економија“.Се разбира, желбата да се дефинираат конкретни индустрии како „креативни“ опстојува и несомнено ќе продолжи. Во некои земји дефинициите се тесно поврзани со уметноста и културата. Други земји имаат пошироки дефиниции кои вклучуваат, на пример, храна и гастрономија врз основа на тоа дека храната и кујната имаат економска и културна важност. Други земји имаат дефиниција која вклучува добро етаблирани business-to-business индустрии како што се издаваштво, софтвер, рекламирање и дизајн; една од централните теми на 11-от Петгодишен план на Народна Република Кина беше потребата за „промена од произведено во Кина во дизајнирано во Кина“ – класична експозиција на согледувањето дека создавањето на интелектуална сопственост има поголема вредност во економијата од 21-от век отколку производството на производи. Други земји, вклучително и Обединетото Кралство, се мачеа со тешкото прашање каде да го лоцираат креирањето на политиката за „креативност“ во рамките на нивните владини структури – дали во економската политика, индустриската политика, културната политика, образовната политика или во сите четири? 

Колку повеќе аналитичарите на политики и статистичарите ширум светот размислуваа за тоа како да го оценат вистинското влијание од креативните индустрии, толку повеќе стануваше очигледно дека е неопходно многу пофундаментално преиспитување.  За почеток, спојот на уметностите и креативните индустрии со дигиталната технологија создаваше цели нови индустрии и вештини кои не беа опфатени со меѓународно признатите обрасци за мерење на економската активност, таканаречените „SIC“ и „SOC“ кодови (Стандардни индустриски класификации и Стандарди класификации на занимања). Ова имаше перверзен ефект на создавање важни нови области за генерирање на вештини и богатство кои беа ефективно невидливи за владините и ги направија меѓународните споредби речиси невозможни. Имаше и други очигледни аномалии – секое работно место во креативните индустрии не беше „креативно“ и многу работни места вон опсегот на креативните индустрии, без разлика како се дефинирани, беа многу креативни.  Британската организација Nestaи други, почнаа да ја истражуваат оваа област и дојдоа до заклучокот дека бројот на креативни работни места во „некреативните“ индустрии беше веројатно поголем од бројот на креативни работни места во креативните индустрии. Како може некој да почне да го мери нивното влијание? Исто така, огромното влијание на дигиталната технологија ја трансформираше секоја индустрија, било да е креативна или не, додека интернетот отвораше постојано променливи и разновидни платформи за нов креативен израз што, за возврат, генерираше секакви нови и многу очигледно креативни бизниси. На пример, во рок од една и пол деценија од своето раѓање, индустријата на видео игри ја надмина стогодишната филмска индустрија во поглед на вредноста. И ако „дизајнот“ требаше да се вклучи како креативна индустрија, којашто очигледно и беше, каде се наоѓаше дизајнот на процеси кој беше креативна дисциплина, но неговото влијание се чувствуваше  во секоја друга област на економска активност од малопродажба до планирање на транспорт и здравство? 

Колку повеќе креаторите на политики размислуваа за креативните индустрии толку повеќе стануваше очигледно дека немаше смисла да се фокусираат само на нивната економска вредност без да ја земат предвид нивната социјална и културна вредност. Истражувањето на Обединетите Нации на глобалната креативна економија, објавено во 2008 година, посочи дека далеку од тоа дека се работи за конкретен феномен на напредните и пост-индустриски нации во Европа и Северна Америка, брзата стапка на раст на „креативните и културните индустрии“ се чувствуваше на секој континент, на север и на југ. Извештајот заклучува дека „Интерфејсот помеѓу креативноста, културата, економијата и технологијата, како што е изразен во способноста за креирање и циркулирање на интелектуален капитал, има потенцијал да генерира приход, работни места и извоз истовремено промовирајќи социјална инклузија, културна различност и развој на човекот. Тоа е она што почна да го прави новата креативна економија“. 

Креативната економија има културно и социјално влијание кое веројатно ќе расте

Во време на брза глобализација, многу земји препознаваат дека комбинацијата од култура и трговија која ја претставуваат креативните индустрии е моќен начин за обезбедување на карактеристична слика за една земја или град според која ќе се истакнува од своите конкуренти. Вредноста на широко препознатливите културни „икони“, како што се Ајфеловата кула во Франција, Таџ Махал во Индија или Операта во Сиднеј во Австралија им отстапи место на цели културни области каде се комбинираат уметностите и комерцијалната активност, од округот Shoreditch во Лондон со неговите студија за дизајн, технолошки бизниси, кафулиња и клубови до огромните престижни проекти како што се културниот округ West Kowloon во Хонг Конг или културниот центар на островот Sadiyaat во Абу Даби којшто претставува инвестиција од неколку милијарди долари. 

Свесноста за ова пошироко значење се рефлектираше во публикацијата на британската влада од 2009 година, Креативна Британија, во која се тврди дека ефективните долгорочни политики за креативни индустрии зависат од иницијативите за политики, многу од нив на градско и регионално ниво, кои беа исто толку социјални колку и економски и кои ја вклучуваа, на пример, потребата за радикални промени во начинот на кој се планира образованието на децата, доколку британската економија требаше да постигне долгорочен успех како седиште на креативност и иновации.

До 2014 година, вработените во Nesta сметаа дека дебатата толку многу се променила што беше потребна нова дефиниција; едноставна дефиниција на „креативната економија“ наместо „креативни индустрии“, како „...оние сектори кои се специјализирани за користење на креативниот талент за комерцијални цели“. Истата година, во анализа на британската културна политика и пракса, писателот Роберт Хјусон забележа во неговата книга Културен капитал – Подемот и пропаста на креативна Британија, дека „Конфигурацијата на односи е таа што му ги дава на системот неговите суштински карактеристики. Затоа е помалку корисно креативната економија да се дефинира според она што го прави отколку да се обиде да се разбере како е организирана“. 

Тоа, за возврат, отвора една цела нова арена за дискусија. Се чини дека овие индустрии, особено илјадниците мали и микро бизниси кои се со највисок степен на креативност, не само што можат да имаат поголема економска важност туку, во одредена смисла, се предвесник на еден нов економски поредок, обезбедувајќи нова парадигма за начинот на кој бизнисите се организирани, образованието се сфаќа и се обезбедува, вредноста се мери, работниот век и кариерните можности на милиони луѓе веројатно ќе се развиваат и како градовите во коишто тие живеат ќе се планираат и градат.  Поконкретно, брзиот раст на автоматизацијата и употребата на вештачката интелигенција и роботиката, што ја најавува таканаречената „Четврта индустриска револуција“, сигурно е дека ќе има големо влијание врз вработеноста на глобално ниво. Истражувачите од универзитетот Оксфорд проценуваат дека до 47% од работните места во САД би можеле да бидат заменети со машини во текот на следните 20 години, додека бројката за Обединетото Кралство изнесува 35%.  Но, една студија од  2015 година спроведена од Nesta, „Креативноста наспроти роботите“ тврди дека креативниот сектор до одреден степен е имун на оваа закана, и оценува дека за 86% од „високо креативните“ работни места во САД и 87% во Обединетото Кралство, нема ризик да бидат заменети со автоматизација или пак ризикот е низок. 

Понекогаш се вели дека како што нафтата беше главното гориво на економијата од 20-от век, креативноста е гориво на 21-от век. Исто како што енергетската политика и пристапот до енергија беа одредници на геополитиката во текот на 20-от век, може да се смета дека политиките за промовирање и заштита на креативноста ќе бидат клучните одредници на успехот во 21-от век. Ако тоа е вистина, тогаш ќе мора да размислиме за начинот на организирање на владите, начинот на планирање на градовите, начинот на реализирање на образованието и начинот на кој се одвива интеракцијата помеѓу граѓаните и нивните заедници. Значи, размислувањето за тоа што се подразбира под креативност и креативна економија е навистина многу поважно!

ЏОН ЊУБИГИН

Како специјален советник на министерот за култура, вископочитуваниот пратеник Крис Смит, тој беше директно вклучен во развојот на првите политики на Владата на Обединетото Кралство за креативните индустрии во 1990-тите. Тој беше Раководител на службата за корпоративни односи на Телевизија Канал 4 (2000-2005) и извршен асистент на лорд Путнам како претседател на филмската компанија Enigma Productions Ltd (1992-97). Како советник за политики на лидерот на Лабуристичката партија и лидер на опозицијата, високопочитуваниот  пратеник Нил Кинок (1986-92), тој меѓу другото бил  одговорен и за прашања поврзани со животната средина и културните теми.

Тој е член на Советот за креативни индустрии на владата на Обединетото Кралство; Претседател на Советодавната група на Британскиот совет за уметност и креативна економија; член на Советодавниот одбор на Институтот за креативно и културно претприемништво при Голдсмитс универзитетот во Лондон; и на Групата за надзор на размената на знаење на Советот за истражување во областа на уметноста и хуманитарните науки. Тој е член на Меѓународниот одбор на советници на Институтот за уметност, дизајн и технологија Сришти во Бангалор и почесен професор на Универзитетот во Хонг Конг.

Тој 6 години беше лице кое работи со младите во Источен Лондон и постојан писател во Common Stock Theatre. Работел и како новинар и како илустратор.

Тој беше именуван за офицер на Редот на Британската Империја за „достигнувања во креативните индустрии и уметноста“ во Листата на почесни одликувања за новата 2015 година.

Дознајте повеќе за Creative England.