Со своите 16 години работно искуство во секторот за информатички и комуникациски технологии (ИКТ) можам да доловам илјадници моменти за тоа како сум се чувствувала во многу различни сценарија и приказни, но сите се со една суштина: чувството било секогаш посебно! И тоа посебно од многу аспекти, но главно е следново: сум работела, работам и ќе продолжам да работам во индустрија во која небото е границата, во која секој ден е нова лекција, во која еманципацијата на луѓето е на највисоко можно ниво, во која се зборуваат сите светски јазици а нивно НЗС е јазикот на програмирањето, во која сум посетила преку преку 40 земји на 5 континети, во која сум се дружела и сум учела од најпаметните, со еден збор се наоѓам во една индустрија во која никогаш не престануваш да растеш.
Уште во 2005тата година кога ја започнав мојата кариера во МАСИТ – Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии, се стремевме да ја подигнеме вредноста и значењето на нашата индустрија пред сите засебни публики: Владата, донаторите, бизнис заедницата од другите сектори и секако младите и образовните институции низ кои тие се движат, низ нивниот академски раст. Во тие години ИКТ индустријата не беше третирана како посебна индустрија, не беше препознаена и нејзината вредност не беше на нивото на кое е денес. Но, и тогаш таа ги обединуваше најпаметните, најиновативните и најпрогресивните индивидуи во нашата земја. Упорно работевме да ја подигнеме свеста меѓу младите од основно и средно училиште и аргументирано да ги убедиме, за тоа дека иднината во ИКТ секторот е огромна, и дека треба да се запишуваат во средни струни училишта или на ИКТ факултети. Факт е дека просечната плата во ИКТ секторот е скоро 4 пати поголема од просечната нето плата во нашата земја.