Девојчињата и девојките не се среќаваат со многу примери за научнички и инженерки во книгите, медиумите и популарната култура. Според една студија, кога девојчињата би имале за пример онолку изумителки колку што момчињата имаат изумители, би можел да се преполови родовиот јаз во светот на иновацијата. На пример, сте слушнале ли некогаш за Ада Лавлејс или Розалинд Френклин? Многумина не знаат дека најзначајните откритија, благодарение на кои светот е онаков каков што е, им ги должиме на научнички чиј придонес не е доволно уважен. 

Историјат 

Вклученоста на жените во развојот на ИТ започна со работата на британската пионерка за информатика и програмирање, грофицата Ада Лавлејс. Нејзиниот алгоритам се смета за прв алгоритам напишан специјално за компјутер, со што таа ја добива титулата прв програмер. Нејзиниот најзначаен придонес во науката е создавањето на аналитичката машина, која се смета за претходник на првите компјутери, а со нејзиниот труд и визија таа им го поплочи патот на илјадници жени кои денес се дел од ИТ индустријата. Чарлс Бабиџ, британскиот изумител кому сме му благодарни за револуционерниот сметач што работел на пареа, бил толку импресиониран од нејзините вештини што ја нарекол „маѓосница на броевите“. Првиот програмски јазик „Ада“ е именуван по неа, а вториот вторник од октомври се празнува како Денот на Ада Лавлејс, во чест на придонесот на жените во науката, технологијата, инженерството и математиката.

Уште еден пример за исклучителен женски ум е Розалинд Френклин, којашто е британска научничка најпозната по нејзиниот придонес кон откривањето на молекуларната структура на деоксирибонуклеинската киселина (ДНА) – составен дел од хромозомите што е во функција на енкодирање генетски информации. Таа имала обичај да каже: „Науката и секојдневниот живот не може и не треба да се делат“.

Нивните потенцијал, страст и визија за технологијата ги претворија во моќни симболи за современите жени во областа на технологијата. 

Генерацискиот јаз во науката и ИТ 

Денес, жените сочинуваат помеѓу 20 и 30 проценти од ИТ секторот, а се предвидува дека во следните 5-10 години бројката ќе се зголеми на 40 проценти! Во претстојната деценија, се очекува вртоглаво брзо да се зголеми бројот на работните места во областа на науката, технологијата, инженерството и математиката (НТИМ). Родовиот јаз во НТИМ во Европа особено доаѓа до израз во информациските и комуникациските технологии. Доколку се постигне родова еднаквост во образованието во областа на НТИМ, би можеле да се отворат 1.2 милиони нови работни места и БДП во Европа да порасне за 610-820 билиони евра до 2050 година.

Најголем предизвик за жените во ИТ индустријата е тоа што главно се помалку платени од мажите за истите работни места, а со тоа имаат и помали шанси да напредуваат во компанијата. Во светски рамки, само 16 проценти од жените стигнуваат до менаџерска позиција во ИТ индустријата. 30 проценти од жените на возраст над 35 години сè уште се на почетнички позиции, додека пак 85 проценти од мажите на возраст од 25 до 34 години веќе се на високи позиции.  

Во компании како што се „Гугл“, „Епл“, „Фејсбук“ и „Микрософт“, околу 23 проценти од вкупниот број вработени се жени. Родовиот јаз е особено голем во некои компании кои бележат брз развој и нудат највисоки плати за перспективните работни места, односно работните места од областа на компјутерската наука и инженерството.

Иако сè повеќе жени се запишуваат на студии во универзитетите, голем број од нив избираат да не продолжат со највисоките степени на образование кои се потребни за истражувачка кариера. На светско ниво, само 30 проценти од истражувачките позиции им припаѓаат на жени. Исто така, само 21 проценти од жените студираат инженерство, односно 19 проценти студираат компјутерска наука. Меѓутоа, постојат навистина изненадувачки исклучоци. На пример, 63 проценти од истражувачите во Боливија се жени, во споредба со Франција каде 26 проценти се жени и Етиопија каде 8 проценти се жени. 

Жените во науката и ИТ во Северна Македонија  

Во Северна Македонија, околу 21 проценти од вработените во ИТ секторот се жени. Во рамките на програмата „Училишта на 21-от век, Британски совет создаде водич и спроведе низа активности со кои ги поддржа основните училишта да основаат клубови за кодирање како воннаставна активност. Во програмата учествуваа подеднаков број девојчиња и момчиња.  

Работите се движат кон подобро, ситуацијата се подобрува и родовиот јаз се намалува, но доколку навистина сакаме да бидеме во чекор со економијата на 21-от век, мора да ги урнеме препреките, да го зголемиме интересот за НТИМ кај девојчињата и поттикнеме што повеќе жени да изберат кариера во областа на НТИМ.

Во 2015 година, Обединетите нации го прогласија 11 февруари за Меѓународен ден на жените и девојчињата во науката.  

Споделете на социјални мрежи