Monika Rizovska, at work

Кога ќе се сетам наназад мислам дека програмирањето ми било љубов на прв поглед, иако не сум била свесна. 

Уште во своите рани години се сеќавам како со дедо ми главев во неговата работилница каде лемевме плочки, диоди, батерии и придвижувавме колички и засветлувавме сијалички. Подоцна ова го правев и на училиште по предметот основи на техниката и производството и едвај чекав да дојде следниот час. Интересно ми беше да правам нешто на што ќе му дадам живот, што ќе се придвижи и ќе функционира. Сакав да поврзувам работи и да решавам предизвици.

Кога почнав со студии во 2003 година, тренд беше изборот на општествени науки и студии по англиски јазик, па затоа се одлучив за е-бизнис: насока која спојува технологија, бизнис и маркетинг, а предметите беа на англиски јазик. Се сеќавам дека кога ќе се спомнеше за Електро факултетот првата мисла и тогашен стереотип беше дека подразбира целодневна самостојна и индивидуална работа на компјутер и таа слика не се вклопуваше во идејата за мојата работа од соништата.

Бев запишана во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, која важеше за најстрога математичка гимназија. Сакав математика и не запирав се додека не најдам решение. Одев на летни математички школи кои завршуваа со натревари и освојував и награди – знаев дека ќе можам да студирам и на Електро, ако сакам, но поради перцепцијата за таа професија не се гледав како електроинжинер, сега попознато – како програмер.

Во текот на студиите сфатив дека она што суштински сакам е поврзувањето на технологијата со бизнисот, промена во организацијата и подобрување на системите. Природно ми одеше комуникација и работа со тим и знаев дека сакам да работам во брзорастечка интернационална средина. Им се восхитувам и до ден денес на сите кои можат да работат репетитивна работа, но за себе знаев дека тоа не би можела. На моја огромна среќа почнав да работам во најголемата ИТ-компанија во Македонија каде открив кои се технологии постојат, колку различни професии опраќа ИТ-индустријата и колку секојдневно се создаваат потреби и за нови професии и улоги за кои не бев свесна дека постојат или ќе постојат како – тестирање, проверка на квалитетот (Quality Assurance), ембедед технологии, наука за информации (Data Science), AI-вештачка интелигенција и роботика.

Quote, Monika Rizovska

Нови информации против стари стереотипи

Во текот на работата запознав многу студенти и за време на кампањите за промоција на академии за програмирање, мрежи и за дизајн сфатив дека, за жал, има голема празнина и недоволна информираност, како и многу малку жени во технологијата кои служат како пример за кршење на тој стереотип. Сфатив дека постојат многу девојки кои не се свесни какви технологии постојат, какви програмски јазици има, што и кој програмски јазик би им лежел и колку е посеопфатна ИТ-индустријата.

Потребно беше да се информираат повеќе девојки со предавања, работилници, конференции, хакатони и почнавме организација „Girls in Tech“ преку која решивме да го намалиме јазот на неинформираноста – целта беше да ги информираме девојките за можностите, да им се даде шанса да се обидат во било кој програмски јазик и, секако, сами да одлучат отпосле дали таа професија е за нив. Целта беше сите да добијат можност да дознаат пред да донесат избрзана одлука поради одреден тренд или постоечки стереотип и тоа и се случи. Како што растевме, се отвори потреба за повеќе локално дејствување, а се вклучивме и кон глобалното движење „Women in Tech”. Тимот од амбициозни девојки и жени во технологијата значајно порасна. Успеавме да споиме над 2.000 девојки и жени и отворивме јавно разговори преку онлајн вебинари и средби за вмрежување. „Women in Tech“ денес соработува со едукативни центри, ИТ-компании и даваме можност секој да сподели свое искуство, да се надгради професионално преку обуки, работилници, коворкинг-средби, можности за говорење и посета на интернационални конференции. Благодарение на овие иницијативи, бевме сведоци на многубројни успешни приказни од девојки кои променија кариера и професија и успеаја да се вработат и денес да водат и свои компании.

Иако полека се менуваат работите во ИТ-индустријата, но инженерството сепак се перципира како машка професија и добро е што постојат повеќе организации кои овозможуваат повеќе начини на доближување на оваа професија кон сите кои се на прагот на решавање на својата идна кариера.

Сметам дека секоја жена и девојка која работи во ИТ-индустријата може да многу да придонесе само со приближување на своите лични искуства кон младите девојки кои сè уште размислуваат која насока да ја одберат. Токму тоа се обидуваме да го направиме преку разните иницијативи и волонтерски активности. Нашиот фокус е градење инклузивна заедницa преку соработка, споделување на знаење и можности со цел – професионална надградба и доусовршување на сите наши членови.

Кога секоја девојка и жена ќе си даде можност да истражи ИТ-професии и можност да го реализира својот потенцијал во нив, тогаш успева да си потврди дека кариера што навидум изгледала тешка, недостижна или е со стереотип „машка“ всушност е остварлива, со посветеност и континуитет.  Денес за мене програмирањето е пред се начин на размислување и за решавање проблеми. Мислам дека нема предизвици што не може да се олеснат со технологијата и секој што сака може да биде вклучен во нивното решавање. Оптимист сум дека со помош на регулативите, новите изуми, доусовршувањето на хуманоидните роботи, вештачката интелигенција, можноста за 3Д-печатење на метали значително ќе придонесат во подобрување на здравството, намалувањето на загаденоста и подобрување на условите за живот и во сиромашните земји.

Како девојка која има креативен и рационален логички начин на размислување и како истовремен интроверт и екстроверт (пола-пола) кој сака уметност, цртање, дизајнирање и менаџирање со луѓе, за мене беше предизвик да се пронајдам само во една професија. Верувам дека многу девојки се соочиле со тоа.

Клучот за наоѓање на она што навистина ви лежи е токму испробувањето и учењето преку работа, програмирање или со наоѓање „баг“, а ова искуство може да се добие и со едноставно вклучување во отворени работилница, натпревари или хакатони кои се совршен начин на запознавање со нови работи.

Да инвестираме во нови знаења

Минатата година, за време на „StartUp Weekend Covid edition“ за неполни 48 часа успеавме да креираме Ways2help платформа за помош и донации за социјално загрозени семејства. Во текот на тие два дена – во ситуација на притисок поради кратко време – успеавме да креираме и WordPress страна и да научиме технички како се прави една веб страна. Благодарение на ова технично решение, денес над 500 семејства со делот „плати сметка“ дигитално и онлајн можат да исплатат сметка на било кое сиромашно семејство и да им се помогне да бидат затоплени со струја во текот на зимските денови. Чуда се случуваат кога не се ограничуваме и си даваме простор да научиме нешто ново.

Сѐ уште бескрајно уживам кога ги поврзувам работите што ги сакам и наоѓам практично решение.

Со „Webond“ започнав да помагам и да развивам бизниси, стартапи, да развивам апликации, да менаџирам продукти, од почетно истражување до финална промоција и обезбедување долготрајна функционалност. Се спо мојата желба за решавање проблеми, за поврзување на креативноста со техничко познавање и уште подлабоко познавање од психологија и предвидување и на навиките на луѓето се со цел да се овозможи било кој продукт или апликација да ни го олесни животот и да ни помогне во секојдневието.  Во „Vitala“ каде што сум CMO, фокус е новата апликација за здрав живот со  вежби базирани на психолошката и на физичката состојба на корисникот и навистина е интересно да се помага и да се биде дел од почеток на глобално движење за здрав живот и помош на постари луѓе со различни потешкотии и болести.

Сметам дека не треба да престанеме да истражуваме и да си ја храниме љубопитноста, да инвестираме во нови знаења, да прифаќаме предизвици, а со тоа и да се пронајдеме вистински себеси, својата професија што навистина ни одговара. Постојат бројни бесплатни онлајн обуки и конференции, настани за вмрежувања. Денес социјалните мрежи многу го олеснуваат пристапот до повеќе информации така што доволно е само да се посака да се дознае повеќе. Понатаму останува да се опкружите со инспиративни луѓе покрај кои ќе растете, да не се потценувате и да си го слушате внатрешниот глас.