Coding Challenge 2021

Тимот ученици од училиштето „Ацо Шопов“ од Бутел, Скопје, го освои првото место на третиот Предизвик за кодирање во организација на Британски совет, како дел од програмата „Училишта на 21-от век“. Настанот имаше за цел да ги инспирира учениците со кодирање да ги решаваат секојдневните проблеми со кои се соочуваат нивните локални заедници и училишта.  

Називот на победничкиот проект е „„Микро:бит“ обновлива енергија“. Благодарение на вештините за кодирање, критичко размислување и решавање проблеми коишто ги стекнаа во рамките на програмата „Училишта на 21-от век“, тимот кој го сочинуваат учениците Филип Величковски и Ангел Крстевски со помош на нивната наставничка по Информатика, Билјана Симоноска Антовска, го решија проблемот со изнаоѓање начин за користење обновлива енергија од ветер и сонце во нашите домови.

Второто место го освои училиштето „Св. Климент Охридски“ - Драчево, Скопје а третото место им припадна на ООУ „Блаже Конески“ - Велес и ООУ „Симче Настовски“ - Вратница.

И покрај пандемијата и учењето од далечина, наставниците и учениците покажаа цврстина и ентузијазам за создавање иновативни проекти и за учество во натпреварот. Процесот за пријавување, како и самиот натпревар, се одвиваше онлајн со цел да се заштитат сите учесници. Беа избрани десетте најдобри тимови кои ги претставија нивните проекти пред жири-комисија.      

За време на воведниот говор, заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани изјави:„Верувам во потенцијалот на сите присутни. Вие сте иднината на оваа земја и затоа ве уверувам дека државата ќе се залага и понатаму да го стимулира вашиот труд и да го надградува вашиот капацитет. Очекувам и понатаму поддршка од нашите долгогодишни партнери од Обединетото Кралство и Британски совет, кои преку оваа програма ни помогнаа да го модернизираме нашиот образовен систем, особено од аспект на примена на современата ИТ технологија и иновации.“  

„Програмата „Училишта на 21-от век“ е од огромно значење за училиштата во Северна Македонија. Уредот „Микро:бит“ беше воведен како наставна алатка во училиштата во Обединетото Кралство во 2016 година. Од особена важност е тоа што учениците имаат пристап до наставните алатки што ги користат децата од Обединетото Кралство, бидејќи со тоа ќе се надмине дигиталниот јаз помеѓу нив и ќе добијат исти можности за вработување во иднина.“, истакна Доминик Отвеј, заменик амбасадор на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија.  

На натпреварот учествуваа и следните основни училишта: 

  1. ООУ „Панко Брашнаров“ - Велес
  2. ООУ „Св. Кирил и Методиј“ - Велес
  3. ПООУ „Братство-Миѓени“ - Тетово
  4. ООУ „Гоце Делчев“ - Неготино
  5. ООУ „Гоце Делчев“ - Неготино
  6. ООУ „Страшо Пинџур“ - Скопје