Online Coding Challenge, participants

На 3 ноември, вторник, се одржa првиот онлајн натпревар по кодирање. Со оглед на тоа дека ситуацијата со вирусот Ковид-19 сѐ уште не е стабилна, за да го заштитиме здравјето на сите ученици, наставници, членови на жирито и нашите колеги одлучивме настанот да се одржи онлајн.  

Овој пат беше поинаква и процедурата за пријавување за натпреварот. Побаравме од училиштата да ни ја испратат презентацијата за нивниот проект во видео формат. По гледањето на секое видео, членовите на жирито им поставуваа дополнителни прашања на учениците доколку имаа потреба од појаснување.   

Основното училиште „Ристо Ристески“ од с. Долно Косоврасти победи на онлајн натпреварот. Учениците Ермира Оручоска и Сеад Рустемоски го изготвија проектот наречен „Правосмукалка Мирина в1.0“, под менторство на наставникот Ристо Коларовски. „Ни беше интересно, научивме многу од другите проекти и сега имаме дополнителна мотивација да продолжиме со надоградба на нашиот проект – правосмукалка“, рекоа тие. Второто место го освои училиштето „Ашим Агуши“ од с. Радолишта, Струга со проектот „ Класификација на отпадот со употреба на микробит “, а третото место му припадна на училиштето „Страшо Пинџур“ од Карбинци кое го изготви проектот „И СМАРТ И СПОРТ (Паметна употреба на паметни уреди)“.

На натпреварот учествуваа и следните основни училишта: 

  1. ООУ „Гоце Делчев“, Виница
    Проект: Дејствувај на време – штеди електрична енергија
  2. ООУ„Јосип Броз Тито“, Струга
    Проект: Паметна еко канта за рециклирање
  3. ОOУ „Мирче Ацев“, Скопје
    Проект: Сигурносен аларм на потрес и светлина
  4. ООУ „Мустафа Кемал Атататурк“, Центар Жупа
    Проект: Сигурносен аларм на потрес и светлина
  5. ООУ„Даме Груев“ с.Ерџелија, Свети Николе
    Проект: Економично наводнување
  6. ЦОУ "Милто Гурра" с.Стрелци, Кичево
    Проект: Училишното ѕвонче – Еден различен ден

За да бидат успешни, покрај вештините за кодирање, училишните тимовите ги користеа и нивните вештини за решавање проблеми и критичко размислување. За да се квалификуваат успешно за натпреварот, тие ги усовршија нивните вештини за презентирање и создавање видеа. „Програмата Училишта на 21 век” ја буди креативноста и иновативноста кај македонските ученици. Проектите се приказ на применливо знаење кон кое треба да се  стреми образовниот процес.“, изјави Елеонора Запрова, директорка на Британскиот совет.

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј го отвори настанот, упатувајќи ја следнава порака: „Гордејте се со вашите наставници, бидејќи и тие учат и напредуваат со вас. Одржувањето дистанца и онлајн наставата се нов концепт и за нив. Навистина е голем успех тоа што денес сте присутни како тимови и имате можност да ги претставите вашите проекти“.  

Имавме особена чест на учениците и наставниците да им се обрати и Мила Царовска, Министерка за образование и наука, при што во оваа прилика таа ја изрази благодарноста до Британскиот совет за поддршката во примената на микро:бит уредот во наставата. „ Досега 65% од училиштата се опремени со микро:бит уреди и ако успееме микро:бит уредот да се воспостави како задолжителна настава за сите, во самиот курикулум, и да го користат сите училишта во различни предмети, согласно реформата која што се подготвува за концепцијата во основното образование, тогаш како држава ќе може да се пофалиме дека веројатно во наредните 10 години ќе имаме многу повеќе дигитално писмено население “, истакна Царовска.