Прашања за учениците (Ермира Оручоска и Сеад Рустемоски):

1. Можете ли да ни кажете што прави вашиот проект?

ЕО: Нашиот проект овозможува автоматско чистење на површини во нашиот дом.

СР: Нашиот проект преставува модел на самостојна правосмукалка која избегнува препреки или ја следи зададената патека.

2. Што мислите, кои се предностите на тимската работа?

ЕО: Предностите се тоа што кога работите тимски можеме да размениме повеќе идеи и искуства и едни со други да се надополнуваме, негативностите да ги отстраниме, а позитивностите да ги прифатиме.

СР: Предноста на тимската работа е што се разгледуваат повеќе идеи, се разменуваат искуства и полесно се наоѓаат решенија за дадените проблеми.

3. Кои нови вештини стекнавте откако започнавте да работите со уредите микро:бит?

ЕО: Ние се стекнавме со вештина за програмирање и нови знаења од електротехниката.

СР: Се стекнавме со вештини од областа на информатиката, програмирањето и електрониката.

4. Дали размислувате која професија ќе ја изберете во иднина? Дали критичкото размислување и решавањето проблеми ќе ви бидат корисни на таа работа?

ЕО: Мојата професија која што сакам да ја изберам е програмер, но програмирањето и работењето со компјутери ќе ми помогне во која било друга професија да ја изберам. Да секако позитивното критичко размислување помага во секое усовршување.

СР: Иднината ја гледам во економијата, а програмирањето, критичкото размислување и решавањето на било кој проблем од било која професија по мое мислење е од огромна помош.

5. Каква беше реакцијата на вашето семејство и пријателите на веста за победата?

ЕО: Кога победивме на натпреварот моето семејство и пријатели многу беа среќни, воодушевени и многу пријатно изненадени и во секој случај поддршката продолжува со поголем интензитет.

СР: Реакцијата секако беше позитивна и со восхит, бидејќи победата е награда за вложениот труд и поттик за нови предизвици.

6. Што би им порачале на своите врсници кои размислуваат дали да се пријават на следниот натпревар?

ЕО: Би им препорачала да бидат храбри и да се пријават на натпреварот затоа што навистина е едно прекрасно искуство.

СР: Пријавете се, реализирајте ги вашите идеи, од голема важност е јавноста да ги види вашите проекти кои во иднина ќе им го олеснат секојдневието. Навистина вреди.

Прашања за наставникот (Ристо Коларовски):

1. Кои промени сте ги забележале кај децата кога ќе започнат да работат со уредите микро:бит?

Во досегашните часови каде се користеше уредот микро:бит промените се чувстуваа во размислувањето на децата. Веднаш почнуваат идеите како ќе го направам, од каде да почниме, па чекај јас со ова ќе почнам ти со она и така влегуваа во светот на микро:бит со насмевка на крај доколку работи како што го замислиле проектот.

2. Како се менува училишната настава ако ги применувате вештините за критичко размислување и решавање проблеми на часовите?

Учениците се послободни да разговараат за проблемите поради решавањето на проблемите користејќи критичко размислување.

3. Кои се вашите впечатоци од работата со учениците при создавањето на вашиот проект?

При создавањето на нашиот проект имавме интересни часови, некогаш остануваме и малку подолго, некогаш се работеше од дома, но вредеше да се види како на крајот правосмукалката работи, а радоста и емоциите кај децата беа немерливи.