Hearing impairment story 2

Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ од Скопје е единственото државно средно училиште за ученици со оштетен слух. Како дел од нивните наставни програми, учениците учат и информатика и нивниот наставен план е ист како и за децата во редовните средни училишта. Учениците со оштетен слух користат визуелна перцепција како прв начин за добивање информации, па затоа е предизвик да се најдат начини како да ги научат термините, правилата и процедурите кога работат со некој програмски јазик. Учениците имаа малку шанси да се запознаат со алгоритамски начин размислување, затоа што кодирањето бара одреден степен на познавање на англискиот јазик. 

Како и да е, со воведувањето на програмата „Училишта за 21 век“, микробит уредот за кодирање го најде својот пат до македонските основни училишта, вклучувајќи ги и училиштата за деца со оштетен слух. Воведувањето на микробит во наставата даде многу позитивни резултати. Микробит уредот им овозможи на учениците лесно да ги научат правилата и процедурите за програмирање, им даде знаење и самодоверба да усвојат принципи на програмирање во програмскиот јазик C++. Некои од претходните фрустрации и незадоволство кај учениците исчезнаа затоа што микробит уредот им овозможи да разберат дека кодирањето не е тешко и дека не постои пречка за совладување на другите програмски јазици кога се усвојуваат основните концепти.

Употребата на микробит уредот придонесе за подобрување на постигнувањата на учениците од областа на информатиката, но и на нивната зголемена самодоверба и мотивација за работа. Примената на микробит уредот во наставата, со соодветно и методично дизајнирани техники, процедури и содржина, ја подигна наставата за ученици со оштетен слух на повисоко и подобро ниво. Тоа отвори нови можности за едукација и комуникација за учениците со оштетен слух. Како наставничка, јас повеќе не се прашувам како да користам микробит уреди во наставата, туку колку. 

- Ирина Иванова, наставничка во СОУ „Партенија Зографски“

 

Hearing impairment story

ЗАПОЗНАЈТЕ ГО ЏЕМАЛ ЕЛМАЗИ ОД ТЕАРЦЕ

На северот на земјата, наоѓаме уште еден прекрасен пример за тоа како микробит уредите им помагаат на учениците со оштетен слух да усвојат знаење од информатиката и програмирањето. Џелал Елмази е ученик во 7 одделение во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, Теарце. Тој е многу интелигентен и покажува интерес за сите наставни предмети, но компјутерската технологија е во неговото срце. Неговата желба и подготвеност да учи за технологијата е без преседан и тој постојано ги следи сите иновации кои доаѓаат од светот на компјутерите. Кога неговата наставничка по информатика ги претстави микробит уредот и платформата „Make Code“, Џелал веднаш започна да истражува и пред следниот час беше целосно информиран за различните видови на проекти и кодови што можат да се создадат. Тој исто така беше првиот во училницата што создаде свои кодови и им помогна на сите негови пријатели да разберат како функционира технологијата. Неговите наставници велат дека тој е многу позитивна личност, многу се смее и секогаш ја шири својата позитивна енергија на другите.

Наставничката по информатика, Лејла Усеини, вели: „Јас, како наставничка, и училиштето, како образовна институција, правиме колку што можеме за да му помогнеме и да го поддржиме Џелал. Нему му треба поголема поддршка за да го оствари неговиот сон, тој заслужува многу поголема поддршка од сите. Благодарност до Британскиот совет што овозможи обука за наставници за критичко размислување, решавање проблеми и кодирање со микробит, стекнавме вештини за откривање и развој на талентите кај нашите ученици.Тоа ни помогна да им овозможиме на учениците со посебни потреби да покажат интерес за кодирање, како во случајот со Џелал. Постои предизвик наставниците да имаат поддршка, искуство и стимулации за да ги мотивираат учениците да учат. Ова исто така ја зголеми соработката меѓу родителите, наставниците и учениците, така што учениците ќе можат да бидат подготвени за нивните предизвици во иднина “.

Лејла Усеини, наставничка по информатика во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, вели дека може да се забележат севкупни подобрувања кај наставниците бидејќи тие го споредуваат своето искуство пред и после обука. Обуката им помогна да го подобрат своето предавање, да направат лекции кои се поинтерактивни за учениците, а учениците да бидат помотивирани и поактивно вклучени во учењето, како и да откријат способности за кодирање кај учениците со посебни потреби.