Kavadarci

Во Западен Балкан, децата Роми се сметаат за ученици кои не присуствуваат редовно на часовите и тешко се мотивираат да учат. Поради ова, тие заостануваат зад нивните соученици на часовите и се отпишуваат од училиште. За жал, присутен е и недостигот од поддршка во семејството, каде образованието се смета за товар и за нешто што е задолжително, но непотребно во реалниот живот. Тие се чувствуваат исклучени, како што изјави еден од наставниците: 

"Децата Роми се двојат на часовите и за време на одморите се дружат со другите деца Роми, но во клубовите за кодирање комуницираат и со другите деца, ги споделуваат нивните искуства и резултати, па се остварува навистина добра комуникација. Кога тие сфатија дека некои работи умеат да ги направат побрзо од другите деца, па дури и од некои наставници, им се зголеми и самодовербата."

Група наставници од основното училиште „Тоде Хаџи-Тефов“ од Кавадарци посветено се залага за промена на ставот за образованието кај децата Роми. Тие одлучија да вклучат деца Роми во нивниот клуб за кодирање, којшто се отвори во рамките на програмата „Училишта на 21-от век“.  Наставниците сметаат дека вклучувањето на децата Роми во активности кои им се непознати на сите деца, ќе им помогне да создадат перцепција дека училиштето носи позитивни предизвици, дека е забавно и интересно и нема да се чувствуваат дека заостануваат зад нивните соученици. Учениците Роми кои беа вклучени во клубот за кодирање се две девојчиња на возраст од 15 и 13 години (со потешкотии во учењето) и момче на возраст од 13 години. 

Откако децата Роми се вклучија во клубот, работите започнаа брзо да се менуваат. Активностите во рамките на клубот за кодирање резултираа со видни промени кај децата, главно поврзани со интересот и мотивацијата за редовно присуство на часовите, како и активното учество во наставата и процесот на учење, од што беше изненаден целиот наставен кадар. Еден од наставниците кои беа вклучени во проектот изјави: „Пријатно се изненадив од нивниот интерес и активното учество во проектот. Тие максимално соработуваа со наставниците и соучениците. Беа заинтересирани и поставуваа прашања, а нам ни беше драго што покажаа интерес за оваа активност која ни е нова на сите нас.“ Дури и родителите кај децата забележаа зголемена мотивираност за одење на училиште и поголема активност на часовите – на пример, еден од родителите изјави дека неговата ќерка пројавила силен интерес за изучување на англискиот јазик.    

Учеството во клубот поттикна градење на самодовербата кај децата Роми - честопати тие имаат ниска самодоверба поради недоволната вклученост во училишните активности. Чувството дека припаѓаат во група во која се прифатени и еднакво третирани, како и дека можат подеднакво да придонесат во активностите како нивните соученици, помогна да се зголеми нивната самодоверба. Еден од наставниците изјави: 

"За време на редовната настава децата Роми се двојат, тие на одморите се дружат со другите деца Роми и кога одиме на екскурзии престојуваат во соба со други деца Роми, но во клубот за кодирање беа заедно со сите деца, споделуваа искуства, резултати и остваруваа навистина добра комуникација. Кога тие сфатија дека некои работи умеат да ги направат побрзо од другите деца, па дури и од некои наставници, им се зголеми и самодовербата."

Проект за паметни канти за отпад 

Членовите на клубот за кодирање сакаа да работат на проект којшто ќе биде корисен во секојдневниот живот и заедно одлучија со кодирање да создадат паметни канти за отпад. Соработката со соучениците за еколошкиот проект поттикна многу важни промени во животот на учениците Роми. Тие добија можност да се истакнат со некои задачи кои ги сработија подобро од нивните соученици, а тоа им ја зголеми самодовербата. Ова беше од особена важност за детето со посебни потреби, коешто дотогаш немаше учествувано во училишните активности. Покрај повременото работење со дефектологот, таа беше изолирана од нејзините соученици, бидејќи е срамежлива. Дефектологот што работи со неа изјави: „Таа се почувствува важна и ѝ се зголеми желбата за посетување настава. И покрај пандемијата, учениците посетуваа настава со физичко присуство, па таа изрази желба да доаѓа и прашуваше дали и понатаму ќе може да доаѓа да кодира.“ 

По завршувањето на проектот, членовите на клубот за кодирање одлучија да им го претстават проектот на помалите ученици од 1-3 одделение, со цел да ги запознаат со темата за управување со отпад и чиста околина, при што децата Роми учествуваа мошне самоуверено. Проектот ги зближи децата и тие се поврзаа благодарение на заедничките нешта, а се подобрија дури и динамиката и односот помеѓу наставниците и учениците. Учениците почнаа и полесно да го разбираат и совладуваат материјалот на часовите поврзани со кодирање, како на пример, часовите по математика. Можноста што им се укажа на учениците да дојдат до израз и да бидат навистина вклучени направи огромна разлика.