Учениците Мелани Пешова и Даниел Велинов изготвија проект што ќе им помага на нивните врсници да одредат колку време треба да посветат на користење паметни уреди и нови технологии, а колку на спортување. Погледнете го видеото што го подготвија за натпреварот по кодирање, на кој освоија трето место, и дознајте повеќе за нивниот проект и прототип. 

Исто така, прочитајте го интервјуто со учениците и нивната менторка Силвана Јакимовска Бинова. 

Прашања за учениците Мелани Пешова и Даниел Велинов


1. Дали мислите дека користењето уреди микро:бито ви помага во креативноста и како?

Да, користењето на уредот микро:бит ни помага во креативноста. Едно мало уредче, а толку многу можности – мери температура, мери светлина, служи како компас, креира музика, испраќа и прима радио сигнали до други уреди микро:бит ... А ако ги искомбинираш овие можности и додадеш дополнителни уреди и сензори добиваш неограничени можности за креативност и креирање. Ние изработивме новогодишни лампиони од микро:бит, компониравме музика со микро:бит и овошје, користевме микро:бит за експериментирање со веројатност итн., а имаме уште многу идеи кои планираме да ги реализираме.

2. Како го избравте баш овој проект за да работите на него?

Реално, секојдневно се среќаваме со проблеми од прекумерно и несоодветно користење на паметни уреди, дури и кај најмали деца. Ние сме за технологија, но користена контролирано. А бидејќи фудбалот и спортот ни се омилени активности во слободното време, одлучивме да ги искомбинираме. Се обидовме со технологија да најдеме решение за контролирана употреба преку насочување и мотивирање за спортски активности.

3. Како беше корисна тимската работа за време на креирањето на проектот?

Тимската работа е секогаш корисна, посебно кога во тим работат ученици од различна возраст односно одделенија. Се разликуваме во знаењата, но тоа е предност бидејќи се надополнуваме при работата и учиме едни од други. Разменувавме идеи, си помагавме и ни беше забавна работата на проектот.

4. Што сакате да учите по основното училиште, во кое средно училиште сакате да се запишете?

По основното училиште планирам во гимназија а потоа на факултет. Размислувам за факултет во кој се дизајнира нешто, се истражува и се применуваат знаењата во изработка на нови нешта.

5. Што би им порачале на своите врсници кои размислуваат дали да се пријават на следниот натпревар?

На врсниците им препорачувам да се пријават на натпреварот без двоумење. Идеи има многу и може да се почне од мала идеја, а да се добие супер интересен проект. Важно е да се започне, а потоа со вложување на труд и креативност идеите растат и се подобруваат. Доколку вредно работат и сработат добар проект ќе добијат и награда, а тоа уште повеќе ќе ги мотивира.

Прашања за наставникот Силвана Јакимовска Бинова


1. Дали сметате дека вештините што ги учиме на децата ќе им бидат корисни во иднина?

Вештините за критичко размислување и решавање на проблеми се клучни вештини според рамката на Британски совет но, директно или индиректно, нивната важност е нагласена во сите Рамки на компетенции на интернационално ниво. Докажано е дека постојат мерливи придобивки во многу области од живеењето за учениците кај кои се работело на развој на овие вештини. Со развивање на овие вештини нашите учениците ќе бидат способни да се соочат со комплексните предизвици денес и во иднина.

Многу често, барањата за промени во однос на наставната пракса за нас наставниците во прв момент се фрустрирачки но секој наставник треба да ја прифати неопходноста од постојано унапредување како нераздвоив дел од професијата наставник. Сметам дека ние наставниците треба длабоко да се презамислиме во однос на прашањето што и како ги учиме нашите ученици. Програмата „Училишта на 21 век” нуди можност и поддршка на наставниците за успешно планирање и релизирање на активности за развој на критичкото размислување и решавање проблеми кај учениците. Таквите активности се нераздвоив дел од секоја современа настава, а ние сме должни да ги обезбедиме за нашите ученици.

2. Улогата на наставникот е најважна во училницата, но дали микро: битовите помагаат?

Наставникот е најважен, и во време кога технологиите се вгнездени во секој сегмент од живеењето, секој наставник треба да е охрабрен да воведува активности со иновативни технологии во наставата и работата со учениците. Учениците растат и се развиваат во средина во која технологиите им се секојдневие, и разбирливо, покажуваат посебен интерес кон таквите активности. Уредот микро:бит е современа алатка која може да се примени во секоја училница, на различни нивоа: како алатка за гејмификација (разигрување) во училницата, како помошна алатка – инструмент за мерење температура, светлина и сл., како алатка при учење и креирање едноставни проекти по наставен предмет но и како алатка за креирање сериозни мултидисциплинарни проекти. Придобивките од реализација на активности со микро:бит се повеќекратни – подобрување на мотивацијата и вклученоста во активностите за време на часот, развивање на вештини за соработка и тимска работа, креативност и иновативност, дизајнирање и решавање проблеми како и кодирање.
За да може целосно да се искористи потенцијалот што го има уредот микро:бит препорачувам во училиштата да се организираат Микро:бит училишни клубови кои не само што ќе креираат и реализираат проекти, но како задача ќе имаат да бидат вид на техничка подршка на сите наставници кои сакаат да го користат уредот микро:бит во наставата. На таков начин учениците учат и развиваат и многу други вештини, но се чувствуваат горди и исполнети што помагаат. Корисна е и тимската работа на наставниците. Секој наставник може да придонесе со своите знаења и вештини. На почеток сите да бидат вклучени за да ги согледаат можностите што ги нуди уредот Микро:бит. Потоа со подршка на големиот број ресурси кои постојат на Интернет идеите може да бидат применети во училниците и развиени во уште подобри.

3. Кои се вашите впечатоци од работата со учениците при создавањето на вашиот проект?

Колку што наставниците го чувствуваат како предизвик воведувањето на нови идеи и активности во наставата или како воннаставни активности, толку учениците позитивно се мотивирани за вклучување во истите. При создавање на нашиот проект заеднички работевме и учевме за работа со Микро:бит, развивавме вештини за решавање проблеми и кодирање. Учениците беа мотивирани за вклучување во еден ваков Микро:бит предизвик и вредно ги извршуваа проектните задачи, чекор по чекор. За успешен исход на активност во која за прв пат користевме Микро:бит важно беше почетното запознавање со Микро:бит и неговите можности, внимателното планирање на активностите и предвидување на потребата за дополнителна подршка. Не очекував дека учениците во целост и самостојно ќе го завршат проектот, но секое ново знаење и секој напредок беше заедничка радост.

Споделете на социјални мрежи